Свечено доделување на „Златниот објектив“ – признание за исклучителен придонес во македонската кинематографија што Кинотеката на Македонија го доделува секоја година ќе се одржи денеска, во 12 часот, во Кинотеката. Оваа година признанието ќе му биде доделено на Панта Мижимаков, филмски работник.
Кинотеката на Македонија им го доделува ова признание на поединци што со своето професионално дејствување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира. Досегашни добитници на оваа награда беа режисерите: Бранко Гапо и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски и Љубе Петковски, доајените Благоја Дрнков, Трајче Попов, Коста Крпач, Илинденка Петрушева. По свеченото доделување, ќе се одржи и проекција на краткиот документарен филм „Ликвидатор“, во режија на Трајче Попов, а ќе следува разговор со Панта Мижамаков, на кој ќе бидат присутни истакнатите филмски работници: Илинденка Петрушева, Русомир Богдановски и Столе Попов.
Запишувањето на Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград коинцидира со професионалниот ангажман на полето на кинематографијата на Панта Мижимаков, најпрвин со статус на слободен филмски работник, а подоцна наизменично како вработен во „Вардар филм“ и слободен филмски работник. Често работел на копродукциите и странските продукции што се реализираат во Македонија и Југославија, а работи и за југословенски продуценти на повеќе филмски проекти („Шеќерна водичка“, „Полтрон“…). Во „Вардар филм“ соработува на поголем број кратки, документарни и играни филмови, кои на шпиците не го наведуваат неговото учество во продукцијата. Од 1991 е еден од основачите и директор на приватната продуцентска куќа „Пегаз“, со која има реализирано неколку филмски проекти.