Погребот на познатиот македонски пејач, композитор, поет и глумец, Зафир Хаџиманов, беше одржан денес на Новите гробишта во Белград, а неговата урна беше положена во Алејата на заслужните граѓани. Тој почина на 77-годишна возраст на 27 март во Белград, поради компликации со коронавирусот.
Хаџиманов беше испратен на вечно почивање во кругот на најблиските членови на семејството и пријателите, бидејќи условите поради пандемијата на коронавирус не дозволуваат поинаку, и како што најави неговиот син Васил, по пандемијата тој ќе биде испратен како што треба.
Зафир Хаџиманов беше филмски актер, пејач, композитор и ѕвезда на југословенската шансона. Во 1967 година, на фестивалот во Варадеро, Куба, беше прогласен за најпопуларен пејач. Одеше на турнеи во СССР и снимаше телевизиски емисии. На фестивалот во Опатија во 1969 година, тој ја изведе шансоната „Био је мај“, неговиот најпознат евергрин.