Кон изложбата на фотографии на Џоел М. Халперн, „Скопје, 1973 г. – 10 години по земјотресот“, на Македонското студентско етнолошко-антрополошко друштво и „Кунстматрикс“

Осврт

Изминатиов екстензивен период изложувањето се случува во новиот диспозитив за репрезентација, виртуелниот простор, каде што визави-средба со делото е невозможна. Како подлога за толкување останува само она што е виртуелно расположливо, посредувано од постхуманистичката технологија, дигиталните формати и евтините слики. Оваа тенденција во иднина би можела значително да го промени односот на восприемателот кон делото и да влијае врз перцепцијата и рецепцијата на фактичкиот предмет/објект.
Во таа институционална (не)формалност, се појави изложбата на фотографии на Џоел М. Халперн, „Скопје, 1973 година“, како мемоар на постземјотресното Скопје. Овој историски наратив во сегашниот контекст отвора неколку суптилни прашања за можното значење на фотографиите на Халперн денес, освен што нудат еден приказ на едно време, а се создадени како резултат на етнолошко-антрополошко истражување, тие поттикнуваат подлабока анализа во насока на нови можни социокултуролошки релации.

Документарната природа на фотографиите излегува од регистарот на она што може да се смета како актуелна уметничка фотографија, но нивната реконтекстуализација во ретко издржан и внимателно ангажиран конципиран проект, укажува на алтернативни методи на истражување на процесот на модернизација на нашето општество. Станува збор за автентично, но и проширено толкување на Љупчо С. Ристески на архивскиот материјал на Халперн, кое има потенцијал за поширока интерпретација во доменот на социјалната антропологија.
Џоел Мартин Халперн престојувал на различни места на Балканот, Македонија и Србија, во Лаос, Алјаска и Канада, како и на повеќе места во Југоисточна Азија. Престојувањето на поединечни географски места во подолг временски период му овозможило скенирање на општествата во процес на движење. Приложените оригинални фотографии се преземени од домашниот архив на Халперн, односно дигитализирани слајдови со посебни скенери, кои, според Ристески, кој учествувал во процесот на дигитализација во САД, се зачувани во тиф-формат.

Тука се поставува прашањето што доколку изложбата се одржеше во вообичаени услови, дали изложените фотографии би биле репродукции на оригиналите, на каква фотографска хартија би биле испечатени, ако знаеме дека методите на печатење во раните 1970-ти сѐ уште се во доминантната техника летерпрес полутон, и покрај пронаоѓањето на фото-офсет, која ги заменува старите методи, и што би значело сето ова во однос на квалитетот на репродукциите.
Изложбата вклучува слики од градскиот пејзаж, поединечни стратегиски објекти во изградба, резиденцијални зони и можеби највпечатливите, оние во кои авторот покажува особен субјективен интерес за набљудување и замрзнување на општествениот градски живот (Скопската чаршија). Во групата фотографии од чаршискиот живот, економската размена на производи нема само функционална улога, тоа се места што ја овозможуваат вообичаената друштвена комуникација, ја прикажуваат сликата на ниската и средната класа во тоа време, дневната миграција село-град. Од денешна перспектива, овие фотографии ја покажуваат недовршеноста на модерноста на овие простори, но не само на планската изградба на Скопје по земјотресот туку и на културниот простор што го изгубил сиот потенцијал со менливоста и приспособливоста на динамиките на општеството.

Оттука, нималку не е чудно зошто денес Скопје нема унифициран градски лик, регулирана градежна динамика и стратегиско планирање, туку непостојана урбана структура што го менува обликот во отсуство на естетски нормативи и плански регулативи. Широките панорами не покажуваат невообичаена фотографска композиција, но оние во кои централен фокус заземаат човечките фигури сведочат за една забележлива способност за организација на фотографскиот простор, за специфично структурирање на формите, за внимателен избор на комплементарните и контрастните колоритни моменти. Колоритот, кој речиси исчезнал до неприсутност, укажува на постоењето на некогаш свежата гама, будејќи спомени и чувство на носталгичност, нагласена историска патина.
Овие фотографии претставуваат документација на едно време, доста значајно за градот Скопје, особено затоа што се градел од ново, а со тоа се менуваат и новите општествени места на социјализација. Одложената или задоцнетата капиталистичка рефлексија врз општествениот живот на нашите простори, која доаѓа придружно со (не)планираните стратегиски економски политики во следните децении, значително ќе го измени ликот на градот, и токму затоа овие записи се мемориска подлога за еден континуиран историски преглед на општествените динамики во период од половина век. Фотографот што стои зад објективот дава импулс за едно полемичко размислување. Кој е проф. Џоел М. Халперн и зошто токму овие фотографии се од национално значење?

Халперн и неговата сопруга Барбара Керевски-Халперн во Македонија за првпат престојуваат во 1954 г., па потоа во 1962 г., 1973 г., 1980-тите и за последен пат во 2004 г. Неговото искуство, кое се наслојува како резултат на компаративна опсервација на различни места, несомнено рефлектира и во неговата мисија на овие простори. Токму затоа фотографиите не можат изолирано да го добијат своето комплетно значење. Сите овие податоци укажуваат не само на меморискиот спектар на содржините опфатени во Халперновите записи туку и на состојбите што го генерираат неговиот потфат за истражување. Во контекст на истражувањата на овие простори, важен е субјектот што стои зад објективот, искуственото во потрагата по архетипското и специфичното, оттука Халперновиот придонес е повеќе од документарен. Постземјотресно Скопје не е недовршен хуманитарен и градски проект, туку недоследен и одложен општествен проект. Фотографиите и белешките јасно укажуваат за една ригидна општествена динамика, арбитрарна трансформација на природниот и културниот поредок на овие простори.

Натали Рајчиновска Павлеска