Со своето дејствување како уметница Павлина Апостолова остави длабоки траги во историјата на нашата оперска култура. Она што таа ни го подари како наследство сигурно ќе биде пример и поттик за младите генерации музичари што сакаат да го посветат својот живот на оперската уметност
Во длабока старост, на 90-годишна возраст, животната сцена ја напушти Павлина Апостолова, последната од неколкуте вокални уметници: Данка Фирфова, Ана Липша-Тофовиќ, Васка Биџова и Фанка Икономова, членки и основоположнички на Македонската опера. Нејзината долгогодишна и богата активност како оперска певица е неразделно поврзана со развојот на Македонската опера во која таа го вложи целиот свој живот давајќи свој драгоцен придонес за нејзиниот растеж и напредок.
Павлина Апостолова потекнува од семејство со музичка традиција, со особена наклонетост кон песната. Едната нејзина сестра беше долгогодишна членка на хорот на Операта, а втората, Љупка Апостолова, позната интерпретаторка на забавни мелодии. Поради љубовта кон музиката, Апостолова ги напушта студиите по француски јазик за да се посвети на музиката, која станува нејзина животна определба. Своето музичко и вокално-техничко образование го добива од познатата, во тоа време вокален педагог, Ника Кунели, кај која се образувале повеќе наши оперски пејачи. Своето знаење го дооформува, проширува и збогатува кај истакнатиот музички деец, пејач композитор и педагог Петре Богданов-Кочко, кој подоцна станува и нејзин сопруг. Тој извршил силно позитивно влијание врз младата певица, која ги прави првите чекори на оперската сцена.
Својот прв настап во Македонската опера Апостолова го реализира на 5 февруари 1950 година со малата улога на Есмералда во операта „Продадена невеста“ од чешкиот композитор Беджих Сметана. Оттогаш, па до своето пензионирање, таа остварила 40 улоги, некои помали, но во најголем дел водечки улоги од сите стилски епохи жанрови од оперскиот репертоар. За Павлина не постоеле мали и големи улоги. Таа со еднаква сериозност и одговорност му приоѓа на секое дело, било да е тоа од класичниот, современиот или домашниот репертоар. Секоја улога Апостолова ја предаваше длабоко доживеано, во широка скала на најразлични трансформации. Со еднаква уверливост и правдивост ја толкуваше кокетната Розина во „Севилскиот бербер“, нежната, но пресметлива Норина во Доницетиевиот „Дон Пасквале“, ја доживуваше трагичната судбина на Чо Чо Сан во Пучиниевата „Мадам Бетерфлај“, саможртвата на Џилда во Вердиевиот „Риголето“, трагичниот крај на Виолета Валери во „Травијата “ (оваа улога Апостолова ја толкувала повеќе од 150 пати), властољубивоста на Абигаела во „Набуко“, трагичниот крај на Норма во истоимената Белиниева опера и уште многу други остварени улоги. Тешко е да се наброи сѐ она што Апостолова го остварила низ четириесетте отпеани партии.
Не помалку Апостолова беше активна и на концертниот подиум со изведба на ораторијални дела и композиции, во прв ред од домашни автори. Со својот сценски шарм таа ја освојуваше публиката, која ја наградуваше со топли и искрени аплаузи. Не помалку признанија за своите креации Апостолова добиваше од стручната критика. Пријатен и топол звук на нејзиниот глас, сценичност и шарм, изразита музикалност, доживеаност и ескпресивност во изразот… се само некои епитети со кои музичките рецензенти ги оценуваа нејзините настапи.
За својата уметничка активност Апостолова добила многубројни награди и признанија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ за животно дело. Авторка е на монографијата „Мојот животен пат“, огледало на нејзината долгогодишна богата уметничка дејност.
Со своето дејствување како уметница Павлина Апостолова остави длабоки траги во историјата на нашата оперска култура. Она што таа ни го подари како наследство сигурно ќе биде пример и поттик за младите генерации музичари што сакаат да го посветат својот живот на оперската уметност.
Фимчо Муратовски
Комеморација
Првенката на Македонската опера Павлина Апостолова беше една од првата генерација оперски уметници што ќе бидат запишани со златни букви во македонската музичка историја и, воопшто, во македонската музичка култура. Таа е претставничка на генерацијата што со огромна љубов и ентузијазам целосно ќе му се посвети на создавањето на најголемата културна институција во Македонија. По повод смртта на Павлина Апостолова, в понеделник, 23 април, во 10 часот, на големата сцена во Македонската опера и балет ќе се одржи комеморација. Поканети се сите почитувачи на делото на Апостолова, како и љубители на оперската уметност за присуство на комеморацијата.