Урсула фон дер Лејен ја претстави идејата за нов еколошки, економски и културен проект во рамките на спроведувањето на европскиот зелен план
Европската комисија неодамна ја почна фазата на осмислување на иницијативата за нов европски Баухаус, еколошки, економски и културен проект во рамките на спроведувањето на европскиот зелен план. На посебни интернетски страници, уметниците, дизајнерите, инженерите, научниците, претприемачите, архитектите, студентите и сите заинтересирани веќе можат да ги поделат примерите на инспиративни достигнувања за новиот европски Баухаус, идеите за неговиот развој, како и сите спорни прашања и сомнежи.
Германскиот архитект Валтер Гропиус со неколку пријатели во 1919 година ја основаше школата „Државен Баухаус“, која за брзо време прерасна во меѓународно движење за архитектура, уметност и дизајн. По примерот на изворниот Баухаус, новиот би требало да ја обликува општествената и економската транзиција во зелено и дигитално. Идејата за новиот европски Баухаус прва ја изнесе претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лејен во својот говор за состојбата во Унијата минатата година. Таа истакна дека новиот европски Баухаус е еколошки, економски и културен проект насочен кон обединување компоненти на дизајн, одржливост, достапност, пристапни цени и вложувања заради спроведување на европскиот зелен план. Неговите темелни вредности треба да бидат одржливост, естетика и вклученост.
– Проектот за нов европски Баухаус влева надеж за подобар квалитет на животот по пандемијата. Во него начелата за одржливост се здружуваат со естетиката за европскиот зелен план да му се приближи на секој поединец. За успех на европскиот Баухаус ни е потребна креативност на дизајнерите, уметниците, научниците, архитектите и граѓаните – рече Урсула фон дер Лејен.
Во рамките на фазата на осмислување, комисијата пролетва ќе организира и прво доделување на награда за нов европски Баухаус. По таа фаза есенва ќе следува објавување повик за поднесување предлози за новите идеи од таа иницијатива за да се спроведат во најмалку пет држави-членки на ЕУ со поддршка од средства на ЕУ на национално и на регионално ниво. Во следната фаза на реализацијата ќе бидат почнати пет пилот-проекти за заедничко осмислување на новите одржливи и вклучувачки решенија со посебна естетска компонента.
– Новиот европски Баухаус ги опфаќа начините на нашиот соживот, нашите вредности, заедничките простори за работа и разонода, како и нашите заеднички и поединечни искуства. Проектот е наменет за сите религии и подрачја во Европа. Со обмислување пристапни решенија во рамките на тој проект би се зголемила социјалната кохезија и би се решиле проблемите во станбената област. Ако сакаме вистински промени што ќе доведат до поубав и поодржлив соживот, мораме да размислиме за тоа како новите идеи во рамките на таа иницијатива да ги спроведеме во стварност – изјавила комесарката за кохезија и реформи Елиса Фереира.