Дуото „Грациозо“, кое го сочинуваат м-р Кристина Палија (сопран) и д-р Невенка Дуковска (пијано) , по неодамнешниот концерт во Србија, деновиве се претстави пред многубројната штипска публика во акустичната галерија „Безистен“.
– За разлика од настапот во Србија овде беше претставена програма со звуци од современата македонска културна ризница. Како гостин на концертот се претстави младата талентирана виолинистка Памела Велкова. Со овој концерт сакавме да придонесеме да се актуелизира и фаворизира оваа музика се повеќе, алудирајќи на тоа како уметноста и музиката доаѓаат од културниот идентитет на нациите и претставуваше манифестација на фолклорните идиоми преточени во современата класична музика – ни рече сопранистката Кристина Палија.
Во програмата беа вклучени автори како С.Стојков, Т.Зографски, Т.Скаловски, Д.Шуплевски, Т.Прокопиев и сплет од фолклорни македонски песни, преточени во современ класичен аранжман на С.Иванов, кој доживеа премиерна изведба. Настапот е проект кој е финансиран од Министерство за култура.
Инаку, дуото бележи значајни настапи и ја промовира современата музика не само низ нашата држава, туку и надвор од неа. Позначајни концерти се неколкугодишните по ред настапи низ Мароко и низ Австрија, концертна турнеја низ Словенија, како и во Шпанија, Италија, Србија и Бугарија.