Во најновиот број за јануари-февруари 2020 г., на престижното електронско списание за литература „Екерман“, кое се појавува во Србија, објавен е драмскиот текст „Двајца во Еден“ на македонскиот автор Томислав Османли. По неодамнешното објавување на пиесата „Враќање дома“ во белградски „Балкански књижевни гласник“, ова е втор драмски текст на македонскиот автор објавен последниов месец во српско литературно списание.
Пиесата „Двајца во Еден“ со поднаслов „Пиеса за двајца, Месечина и за кукли“ е камерна пиеса, горчлива лирска приказна посветена на епохалното чувство на осаменост. Својата праизведба ја имаше на сцената од Народниот театар во Куманово во режија на Виолета Џолева, потоа во САД при што претставата беше селектирана на регионалниот фестивал во Ричмонд, САД, во режија на Наум Пановски, како и изведбата на младинската сцена на Театарот за деца и младинци во Скопје, во режија на Димитрие Османли. Своевремено, оваа пиеса беше објавена во издание на книгоиздателството „Ѓурѓа“, кое го вклучуваше драмскиот текст на македонски и на англиски јазик, во превод на Соња Андонова, како и реализирана во стрип (цртеж на А. Сотировски).