Кинотеката на Македонија ги направи достапни онлајн сите досега издадени броеви на „Кинопис“ – списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности. Завршен е проектот за дигитализација, скенирање и прикачување на сите броеви на „Кинопис“, кој беше усложнет поради тоа што во изминативе 30 години, колку што излегува списанието, технолошките услови за негова подготовка и печатење неколкупати се менуваа.
– Ми требаше месец интензивна работа да ги пронајдам и оживеам сите фајлови што постоеја во мојата домашна архива. Лесно беше со броевите од последните 3-4 години, но „забавно“ беше со постарите, затоа што не беше едноставно да се вратат во функција фајловите од 1998 година. Ми се врати мојата лична „кинотека“ од сеќавања за едно ентузијастичко време кога самите креиравме македонски фонтови, правописна и граматичка поддршка за софтверите, кои денес веќе не се користат, за едно немирно време, за луѓе соработници од кои некои не се веќе меѓу нас или многу одамна не сум ги видел, за фирми и технологија што денес не постојат – вели дизајнерот Ладислав Цветковски, кој графички-ликовно го уредува списанието повеќе од две децении.
Исто така, Цветковски изразува жалење што некои од постарите броевите на „Кинопис“ е невозможно да се реконструираат. Тој ги донира електронските верзии на „Кинописот“ од бројот 20 па до последниот, бр.55-56, кои се поставени на веб-страницата на Кинотеката. Броевите од 1 до 19 се скенирани и нивни ПДФ-верзии се исто така достапни на истата страница.
– Драго ми е што Кинотеката на Македонија се реши и овозможи списанието да биде достапно онлајн. Се работи за списание од исклучително значење за филмот и визуелните уметности, со текстови од нашите најзначајни автори, историчари, критичари и теоретичари – вели Цветковски, кој покрај „Кинопис“, изработил и дизајнерски решенија за повеќе од 150 печатени изданија на Кинотеката, како плакати, филмски програми, брошури, каталози, други периодични изданија, книги и ДВД.