Автор на драмскиот текст на претставата, која е еден од каноните на израелскиот театар, е Ханох Левин, а режисер е Итаи Дорон
Ансамблот на Народниот театар во Битола ги заврши подготовките за првата изведба на театарската претстава „Детето сонува“, која на матичната сцена премиерно ќе биде одиграна на 26 јануари, со почеток во 21 часот. Автор на драмскиот текст е Ханох Левин (1943-1999), а режисер е Итаи Дорон, двајцата од Израел. Актерите Борис Чоревски и Ангел Мицевски ќе ги толкуваат главните улоги. Првата верзија на текстот „Детето сонува“ е од 1939 година и е со наслов „Бродот Св. Луис – Песни за смртта“.
– Оваа претстава зборува сама за себе, таа е еден од каноните на израелскиот театар, напишана од големиот национален драмски писател Ханох Левин. Во неа има црн хумор, кој го опишува чувството на пониженост како човек на овој свет. Претставата наедно нуди и една многу остра и радикална политичка сатира. Сликата што ја прикажува овој текст на Левин е суровата реалност што се открива за време на патување и добива еден бесконечен облик низ призмата на сонот – рече Дорон.
Во претставата играат и актерите: Катерина Аневска-Дранговска, Огнен Дранговски, Марјан Ѓоргиевски, Петар Горко, Соња Михајлова, Борче Ѓаковски, Соња Ошавкова, Петар Мирчевски, Никола Стефанов, Анастазиа Христовска и Александар Стефановски.