Српскиот режисер Златко Паковиќ за хрватски „Форум“
Во лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ во Загреб, на 6 јули, премиерно е одиграна претставата „Крлежа, или што ќе ни се нам знамињата и што сме им ние на знамињата, што за нив така плачеме“. Станува збор, всушност, за авторски проект на неуморниот белградски режисер Златко Паковиќ, кој минатата година во Задар ја постави „Отело: незаконска литургија“, која потоа беше играна и на фестивалот „Фалиш“ во Шибеник, но пред сѐ е познат по низата претстави во белградскиот Центар за културна деконтаминација и непоколеблив општински активизам, кој го наведе да режира и проекти како што се „Филозофија на паланката“ или „Да се убие Зоран Ѓинѓиќ“.
А загрепскиот проект, чија продукција ја потпишува „Монтажстрој“ на Борут Шепаровиќ, во која заедно со Паковиќ играат и Вили Матула, сопранистката Ана Јембрек и мајсторот на светлото Конрад Мулвај, не сака да биде „претстава за граѓански дресираниот, убаво воспитан Мирослав Крлежа, како што го дотераа водечките антикомунистички и филоендехазиски интелектуалци од граѓанска провениенција, туку нешто сосема друго, вели Златко Паковиќ за неделникот „Форум“, издание на непрофитното здружение при Домот на културата на Загреб, и тоа точно на денот на раѓањето на големиот писател.
Како дојде до соработка со „Монтажстрој“ на овој авторски проект?
– По повик од Борут Шепаровиќ, тој и јас почнавме да соработуваме на неговиот проект на претставата „Љубов и економија“. Станавме другари, а потоа и пријатели. Во нашите долги разговори често го споменував Крлежа. Сфаќајќи колку ми значи Крлежа и колку би можел јас да му значам денес и овде на Крлежа, Борут ми предложи да направам авторска претстава што ќе ја продуцира „Монтажстрој“.
Во претставата се обидувате да одговорите на прашањето што е секој од нас, без разлика на знамињата под кои сме живееле или живееме. Всушност, што ни претставуваат знамињата? До вчера под нив или за нив меѓусебно се колевме и убивавме, а ниту денес не ни се, барем нашите, омразени?
– Важно е човекот да е свесен за тоа дека знамето сепак и пред сѐ е парче крпа во чие име неправедниците главно ја пролеваат крвта на невините луѓе. Потоа е важно да се разбере дека крв едни на други, под тој симбол од крпа, главно пролеваат луѓето од работничката класа: тие, всушност, под знамињата меѓусебно се колат во корист на олигархиите во државите во кои се луѓе од втор ред. Постои, меѓутоа, едно знаме што ја открива оваа политичка измама, а тоа е црвеното знаме на пролетерите. Но тоа денес е најомразено: обезвреднетите, понижените луѓе се дресирани во капитализмот за токму на него да лаат како бесни кучиња. Сакам да кажам дека има уште многу работа пред човештвото. Но немојте да мислиме дека она што не било реализирано во изминатите две илјади години, нема да биде реализирано во следните две илјади.
Нудејќи им го на гледачите животниот пат на Мирослав Крлежа и сопругата Бела, раскажувате приказна за еден простор што, ми се чини, не напредувал многу низ вековите. Од Австро-Унгарија, преку Кралството СХС и две, односно три Југославии, а помеѓу е и НДХ, дојдовме до национални држави. Која е разликата меѓу нив?
– Единствена суштинска разлика е разликата во пејзажот. Во политичка смисла, сите тие држави останаа без сопствено општество. Системот на општеството е уништен. Наместо општество, имаме групи корисници на кредити, значи дружини на граѓани наговорени на сопствено ропство. Да нема општество, значи дека нема потенцијал за граѓаните и граѓанките да се здружат во широка акција за промена на системот. А општеството е токму тоа: тоа го носи потенцијалот на закана на политичкиот систем.
Во претставата посебно го напоменувате она што во Хрватска се настојува да се заборави или барем да се премолчи, а тоа е фактот дека Крлежа пред сѐ бил пролетерски писател, дека бил, како што велите, атеист, комунист, ленинист и Југословен. Позицијата на Крлежа во Хрватска сосема сигурно би била многу полоша ако своевремено не пријателствуваше со Фрањо Туѓман, па немаше да му се спакува како на некои други, а и лексикографскиот завод сѐ уште го носи неговото име, и тоа, наместо она забранетото – југословенско. Историјата, се чини, ја земаме парцијално, по потреба, па според неа ја приспособуваме и лексиката?
– Никогаш Крлежа не пријателствувал со Туѓман. Да, Туѓман навистина му одел во канцеларија, но оставил Крлежа сведоштва за тоа што мисли за Туѓман, а по нив се гледа дека Крлежа остроумно го оценил како ограничен човек, каков и што беше Туѓман. Опсервациите на Крлежа се брилијантни психолошки и социолошки дијагностицирања. Во некогашната Општа енциклопедија на Југословенскиот лексикографски завод, Крлежа за банот Јосип Јелачиќ, кој овде се слави како стратег и воено-политички гениј, пишуваше дека речиси бил и малоумен. А сега такви зборови не би смееле да се употребуваат како што предизвикуваат одбивност и термините комунизам, социјализам, утопија, атеизам… Да не си дозволуваш себеси зборови, прецизни наслови, значи да се скратува можноста за промена на животот, промена на постојното во она што сѐ уште не е, но може да биде по наше умно, видливо настојување, бидејќи луѓето не би требало да бидат машини што само ја исполнуваат дневната доза на она што им го налага реалноста, туку луѓето се паметни суштества што знаат работите што сѐ уште не постојат да ги видат во духот. Како што би рекол нашиот генијален јужнословенски поет Његош, за кого Крлежа со воодушевување пишуваше: „Нека биде она што не може да биде“. Доколку немаме храброст да ги именуваме работите со вистинските имиња, нема да имаме ниту живот.
Крлежа е актуелен исто како и претходно. Тоа особено се однесува на неговата остра критика на капитализмот. Што мислите, како тој би се поставил во оваа наша транзиција?
– Крлежа едноставно не би се согласил на транзиција. За него таа е пад во варварство: бидејќи што е тоа кога човекот со омраза се одрекува од социјализмот и почнува да го љуби капитализмот ако не е мазохизам и садизам. За Крлежа предуслови за хуманост се следните моменти: фабриките предадени на владеење на работничките сојузи, национализирани банки, укинати газдинства… Транзицијата е всушност обратен процес – враќање во праисторијата.
Каде стои човекот, оној малиот Крлежин човек, кон знамињата и владарите? Во претставата велите: „На узда одгледуваниот човечки вид единствено знае да стои во ред“.
– Што значи мал човек? Сите тоа го земаме здраво за готово, тој отров како да е лек. Дали Матија Губец е мал човек? А всушност Губец, тој генијален селанец, точно го одредил тоа, велејќи дека нам големците ни изгледаат така само затоа што вообичаено ги гледаме од клекната позиција, така што мораме да станеме. Значи, малиот човек е клекнат човек или човек што ползи.
Каква е позицијата на Крлежа во Србија? Познато е дека со задоволство престојувал во Белград, а на крајот на Првата светска војна пребегнал преку Сава, сакајќи да се бори на сојузничката страна. Таа мисија, додуша, не му успеала…
– Доминантниот културен модел во Србија лесно се ослободил од Мирослав Крлежа, по административна државотворна линија. Крлежа е хрватски писател и господ му дал добро здравје; значи, не е српски писател, туку, според тоа, е странски писател, бидејќи никој таму исто така не сака ни да слушне за јужнословенска или југословенска култура, тогаш Крлежа е едноставно избришан од регистарот. Во Хрватска таа работа оди потешко, иако доминантниот културен модел и овде би дал сѐ за да го смести Крлежа во некој друг национален корпус, но тоа не е можно, бидејќи Крлежа сепак е загрепчанец, цел живот и живеел во овој град итн. И сега е многу незгодно што тој загрепчанец, Аграмер, Хрват, говори за јужнословенската цивилизација како за еманципирана единица на хрватската култура, што говори за тоа дека човек не знае да пее и пишува песни ако не е атеист и што говори дека на другиот брег, на брегот на иднината на човештвото, стои и му мавта првиот човек на тој хуман брег – Владимир Илич Ленин. А како тоа, ви се молам, еден Кроата може да биде атеист и да не верува во нејзиното неоспорно височество Католичката црква, или да биде комунист, да му е подраг работник од Алжир или Сирија отколку наш домашен хрватски господин Глембај…?
Еден хрватски новинар своевремено ве нарече српски Оливер Фрљиќ, со оглед дека се занимавате со слични теми. Како го коментирате последниот случај кога градската раководителка за култура на Загреб, Ана Ледерер, во свое интервју јасно порачала дека Фрљиќ е непожелен во Загреб? Дали вие сте непожелен во Белград?
– Со таа порака раководителката Ледерер јасно порача дека нејзината раководна позиција е неспоредливо поинфериорна од режисерската на Фрљиќ. А што се однесува до мене, ако и не сум пожелен во Белград, јас таа позиција ја изградив со сопствен труд, и на неа сум горд како на сопствено дело, бидејќи замислете да бидам во Белград пожелен, меѓу подлизурковците на Вучиќ и потпикнувачите, меѓу тие браќа урбицидни креатури, кои всушност се ликови од Крлежината воена проза, па како во тој случај, би можел, себеси да си погледнам в лице.
Како гледате на политичките елити од просторот на поранешна Југославија? Што мислите, го читаат ли тие Крлежа?
– Денешните политички и културни јужнословенски елити се составени од чисти кариеристи што се плашат од сопствената сенка, тие не смеат да го читаат Крлежа, бидејќи кај тој генијален книжевник црно на бело пишува сѐ за нив: и кои се, и што се, и како ќе завршат! „Крлежа, или што ќе ни се нам знамињата и што сме им ние на знамињата, што за нив така плачеме“.