Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ вечер продолжува со театарската претстава „Девојчето со жиците“ од Марјан Нечак и Маја Хрговиќ, копродукциски проект на Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана и Подвижен Музички театар од Битола.
„Девојчето со жиците“ е современа драмска опера за виолинистка кој патува со воз низ Европа. Преку нејзиното патување се исцртува приказната за нејзиниот живот. На почеток таа е девојка која сонува и сака да стане славен музичар, но татко ѝ ги потрошил парите за нејзиното школување. Подоцна таа е зрела жена која сè уште трага по нејзиното место под европското небо, откако целиот свој живот го минува како уличн амузичарка. Сѐ е на купче. Ја натежнала тешката економска ситуација, комплицираниот однос со пропаднатиот татко, потрагата по место во современа Европа, која сѐ повеќе е социјално исклучувачка, „испредена“ со бодликави жици, ѕидови и секакви ограничувања. Приказната е универзална и е потсетник на позицијата на бројните надарени поединци, кои и моментално бараат засолниште во кое ќе можат да ги развијат своите потенцијали.
Оваа интимна драма, поставена во позадината на општествените случувања во современа Европа, се одвива на границата помеѓу реалниот свет и сонот. Меѓу препознатливите, но често непријатни ситуации на граничните премини и станици, спомените и визиите во кои се преплетуваат, времињата и јазиците, музиката и поезијата, горчината и убавината на животот.
Улогите во претставата „Девојчето со жиците“ ги играат Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј. Автор на стиховите во претставата е Ана Бунтеска. Дарја Доминикуш е драматург, костимограф е Наташа Филиповиќ, а кореограф: Жигањ Крањчар. Музиката, сценографијата и светлото се на Марјан Нечак.
Претставата ќе се одигра на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.
Што се однесува на музичката програма, вечерва во рамки на „Охридско лето“ е концертот на Камерниот оркестар „Академија на солисти“, со настап на дуото пијанисти Марко Скиаво и Серџо Маркеџани од Италија и виолинистката Ајман Мусакјајева од Казахстан под диригентската палка на маестро Гудјон Емилсон од Исланд.
Дуото Марко Скиаво и Серџо Маркеџани е едно од најактивните италијански пијано дуети.Во светот се познати по уникатното музицирање, експресивноста, убавиот звук, интензитетот и огромната енергија во своите изведби. На музичката сцена заедно се појавуваат во 2006 година и оттогаш доживуваат стотици концерти во најпрестижните сали и најголемите фестивали во светот. Во 2014 година го издаваат својот прв компакт-диск, целосно посветен на музиката на Франц Шуберт.
Ајман Мусакјајева е еден од најзначајните претставници на виолинистичката школа на Казахстан. Музика започнува да учи во Казахстан, а своите студии ги завршува на Московскиот конзерваториум. Постојано е активна на музичките сцени во светот, соработувала со голем број значајни музички имиња и оркестри. Мусакјајева е основач на Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“, во кој ги ангажира најдобрите млади музичари од Казахстан. Добитник е на повеќе награди на престижни интернационални натпревари, како и на повеќе признанија.
Гудни А. Емилсон е исландски диригент, добитник на голем број национални и интернационални награди. Во текот на својата кариера соработувал со некои од најзначајните оркестри на денешницата, настапувајќи притоа на голем број познати музички сцени, а соработува и со еминентни изведувачи од целиот свет. Од 1999 година Емилсон седнува на позицијата уметнички директор и шеф-диригент на Камерниот оркестар во Тубинген, а подоцна како шеф-диригент застанува и пред неколку други значајни оркестри, како камерниот оркестар „Сук“ и оркестарот „Камерата Бохемика“ во Прага, Тајландскиот филхармониски оркестар и др.
Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ е водечки ансамбл во Казахстан. Основан е во 1991 година од страна на виолинистката Ајман Мусакјајева. Членовите на овој ансамбл се млади музичари, виртуози на својот инструмент, лауреати на повеќе интернационални натпревари, со одлична техничка подготвеност. Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ на своите настапи изведува музика од најразличние похи и стилови, но, пред сè се смета за еден од најзначајните афирматори и промотори на казахстанската музика и традиција во светот.
На програмата на концертот во „Света Софија“ се дела од Едвард Григ, Леополд Кожелуч, Камиј Сен-Санс, Пабло де Сарасате, Жил Масне, Франц Ваксман и Жорж Бизе.