Македонскиот поет Ристо Лазаров е добитник на две награди што го носат името на Петар Кочиќ: Кочиќевото перо за зимата 2019-та што се доделува за високи достигнувања во современата книжевност и приврзаност кон убавината на Кочиќевата мисла и збор – за книгата ,,Цедена“ објавена (во превод) од Задужбината Петар Кочиќ, како и престижната награда Кочиќева книга, за целокупно книжевно творештво. Оваа одлука ја донесе писателското жири во состав: Никола Вуколиќ (претседател), Миљенко Јерговиќ и Младен Весковиќ.
– Книгата песни „Цедена“ на познатиот современ македонски поет Ристо Лазаров тематски и проблемски е разновидна, стилски и јазично врамнотежена, поетички и филозофски втемелена. Она што во песните на Лазаров посебно импонира е тезата дека зборовите се од светлосно потекло, па затоа нивната смисла не е во тоа да значат, туку да светат. Но, не затоа што за светлина ги нарекуваме нивните надворешни манифестации, нивните значења или звучења, или било што слично на тоа. Не поради тоа. Туку поради тоа што она што им е постоечко, е светлосно. Светлината во нив е поречита од зборовите. Затоа да се пее и да се светли е едно исто. Па така, тогаш, и поетот Ристо Лазаров, во песната Од дома до работа, може да пее вака, експлицитно и недвосмислено: Сега секое утро гледам/дека е можно од песната сонце да тече. Сонцето, значи, не доаѓа во песната однадвор, туку тоа е нејзината внатрешна суштина. Таа – песната – е оттаму, од сончево потекло и со тоа свое потекло, таа не значи, туку сјае и светли. Нејзините зборови, всушност, се вид магма на јазикот кој се слева низ нејзините сончеви брегови, како што би рекол Милош Црњански, Суштински гледано, поетот, пак, е древен demyurgos, создател, кој, со своето сегледачко и сесебезнаечко око, сѐ следи и сѐ гледа, од страна. Но, она што во оваа книга песни Ристо Лазаров не го остава недоречено, е некој вид археологија на зборовите. Имено, во песната Запад, наведува дека желбата на зборовите во песната во суштина е слична на желбата на секое дрво: Секое дрво сака да е/повисоко од самото себе. Така и тие, зборовите, во песната како и тоа, дрвото, напросто изостануваат (ex-stasis) од самите себе – вели писателот Никола Вуколиќ за добитникот на Кочиќевото перо и Кочиќевата книга.
Наградите на свечено ќе бидат врачени (в петок) во 12 часот во Вуковата задужбина во Белград, а за добитникот ќе говорат членовите на жирито Никола Вуколиќ, Миљенко Јерговиќ и Младен Весковиќ.