Амбасадорот Андреа Силвестри посочува дека во 2021 година кога се навршуваат 700 години од смртта на Данте Алигиери, во негова чест ќе бидат реализирани повеќе настани што почнуваат од денеска, на Денот на Данте
Андреа Силвестри, амбасадор на Република Италија во Македонија
На кој начин Амбасадата на Република Италија во Македонија ќе ја одбележи 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери?
– Данте Алигиери е нашиот најголем поет и книжевник и се смета за татко на италијанскиот јазик, основоположник на нашиот национален идентитет. Тој е автор на многу значајни дела напишани на италијански и на латински јазик, но пред сè на монументалната поема „Божествена комедија“, која претставува едно од најважните литературни дела на сите времиња, познато во целиот свет. За да му оддаде чест на овој великан на литературата, Амбасадата на Италија организираше повеќе иницијативи што ќе започнат денеска, на 25 март, односно на денот на кој минатата година во целиот свет започна да се одбележува Денот на Данте, односно денот што му е посветен на Данте. Поточно, вечерва ќе се одржи онлајн настан отворен за пошироката публика (кој е заинтересиран да го проследи може да се обрати на електронската адреса [email protected]) за време на кој ќе биде презентирана аудиокнига, на интегралниот текст на македонски јазик на првиот дел од „Божествена комедија“, „Пеколот“. Аудиокнигата ќе биде достапна и отворена за публиката.
Исто така, заедно со институтот „Данте Алигиери“ во Скопје, ќе отвориме и конкурс за креирање уметнички постер по повод 700-годишниот јубилеј. Иницијативата се однесува на учениците од уметничките училишта, од државните и приватните факултети за ликовни и визуелни уметности, дизајн и архитектура во Северна Македонија. Информациите за конкурсот ќе бидат објавени на веб-страницата, како и на социјалните медиуми на Амбасадата на Италија и на институтот „Данте Алигиери“ во Скопје. Ќе следува и конференција на актерот и режисер Лука Кортина, добро познат овде во Северна Македонија, на тема за издавачката среќа на поемата „Божествена комедија“ во четиринаесеттиот век (во тоа време Данте бил многу славен, речиси како една денешна рок-ѕвезда, а неговите стихови биле рецитирани напамет и од членовите на пониските класи). На крајот ќе се одржат и неколку семинари и работилници организирани во соработка со Универзитетот во Штип, кој ќе ги претстави сетилните аспекти на делото на Данте.
Пандемијата наметна големи бариери, па оттука и фактот дека во неколку сегменти ќе се одбележи важноста на Данте Алигиери. Што подготвувате во текот на годината како продолжение на значајната годишнина? Какви манифестации?
– Сè на сè, во текот на целата година ќе организираме околу дваесетина настани, наменети за продлабочување на познавањето на овој великан на италијанската и светската литература. Многу од нив ќе се одржат во текот на неделата на италијанскиот јазик и култура во светот, која ќе се одржи во октомври и, се разбира, оваа година ќе биде посветена на Данте. Се надеваме дека дотогаш пандемијата ќе биде надмината со што ќе ни биде овозможено да ги одржиме повеќето од активностите во физичко присуство. Поконкретно, во програмата е театарска претстава посветена на ликот на Одисеј претставен во „Божествена комедија“, како симбол на човековата жед за спознавање. Претставата ќе биде подготвена од страна на режисерот Лука Кортина и со учество на македонски актери и музичари. Освен тоа, ќе се одржи и проекција на филмот „Пеколот“ на Бертолини, од 1911 година, еден од првите филмови во историјата што содржи специјални ефекти. Со оглед на тоа што станува збор за нем филм, особено впечатлив, неговата проекција ќе биде придружена со пијано-изведбата на маестро Марио Мариани. Во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе бидат организирани и голем број семинари посветени на различни аспекти од делото на Данте, додека Здружението на професори по италијански јазик од Северна Македонија ќе организира книжевен конкурс за ученици од средните училишта, како и изложби на цртежи и фотографии и други перформанси подготвени од учениците од основните и од средните училишта, кои се инспирирани од „Божествената комедија“.
„Пеколот“ на Данте ќе добие аудиоверзија. За што поточно станува збор?
– Нашето министерство за надворешни работи и меѓународна соработка се погрижи за подготовката на аудиоверзии на „Божествена комедија“ на најупотребуваните јазици на светот, но амбасадата во Скопје сметаше дека е важно да се оствари и една македонска верзија, поаѓајќи од историскиот превод на Георги Сталев, издаден во 2006 година за издавачката куќа „Култура“, како кулминација на работата започната во шеесеттите години на минатиот век. Станува збор за проект на кој сме многу горди. Заедно со институтот „Данте Алигиери“ и здружението „Флуктус“, и во соработка со издавачката куќа „Култура“, ја реализиравме аудиокнигата на македонски јазик на првиот дел на делото, посветен на пеколот. Аудиокнигата може да се слушне на платформата „Самоглас“, по извршената регистрација на www.samoglas.mk. Аудиокнигата трае во целост четири часа, но постои можност да се слуша по пеења, секое пеење е во времетраење од десеттина минути („Пеколот“ содржи вкупно 34 пеења). Во тој случај, покрај читањето на Дантевите стихови од страна на актерот Христијан Поп Симонов, ќе биде можно да се слушнат и објаснувањата на самиот Сталев, преку гласот на Ангела Стојановска. Тие е со намера да го олеснат разбирањето на историскиот контекст и ликовите што ги цитира поетот.
Од каква важност е преобликувањето на едно од најзначајните дела во книжевноста во аудиодело?
– Пред сè аудиокнигата им дозволува и на лицата со оштетен вид да се запознаат со ремек-делата на светската литература. Од таа причина, остварувањето на ова издание ни се чинеше како особено значаен придонес кон оваа категорија македонски граѓани. Би додал и дека употребата на аудиоподдршка како канал за ширење книжевни тестови е модалитет што е доста застапен и користен, па така проектот што го реализиравме е само еден инструмент што го ставаме на располагање за пошироката публика. Мислам пред сè на учениците од средните училишта и од универзитетите, но не само за нив. Насловот „Божествена комедија“ потекнува од латинското значење на зборовите, бидејќи воопшто не станува збор за комедија – станува збор за дело што е богато со поетичност и музикалност и магичен е ефектот што го предизвикува кога ќе се слушне на македонски јазик (Сталев, меѓу другото, успешно ја усвојува метриката на Данте, предизвик што воопшто не е лесен за преведувачите).
Во секој случај, „Божествена комедија“ е дело што предизвикува голем интерес и во денешницата. И покрај тоа што неговите корени се во религиозните поимања и средновековните политики, неговите јунаци, инспирирани од историски личности од тоа време, се претвораат во универзални архетипови, дотаму што ги доживуваме како актуелни и денес, слично како и ликовите на Шекспир. Затоа веруваме дека аудиокнигата ќе им овозможи на многу Македонци да се запознаат со ова ремек-дело.
И покрај ограничувањата од пандемијата, сепак, имате активности на кои посветено работите. На што друго сте ангажирани периодов?
– Би сакал да нагласам дека и покрај пандемијата, нашата амбасада остана секогаш отворена. Поради здравствените околности бевме принудени да го промениме модалитетот на некои активности и да користиме алтернативни инструменти како видеоконференциите, но продолживме да нудиме конзуларни услуги, да ги одржуваме нашите политички и трговски врски со Северна Македонија и да промовираме културни иницијативи како оние што ги опишавме. Министерот за надворешни работи Османи неодамна беше во Рим каде што оствари средба со министерот за надворешни работи Ди Мајо и за време на средбата беше потврден блискиот однос на Италија со Северна Македонија, како и нашата поддршка за почнување, што поскоро, на преговорите за влез во ЕУ. Нивото на билатералните односи е одлично, но секако сакаме да направиме и повеќе, и во однос на трговските размени и инвестициите. Во таа смисла подготвуваме и програма на иницијативи во областа на земјоделството, во прехранбената индустрија и животната средина што сметаме дека ќе започнат пред крајот на летото, за да ги претставиме италијанските модели на извонредност во наведените полиња и во полза на македонските институции и оператори.