Меѓународната награда „Гоцева мисла“ годинава им се доделува на Зафир Хаџиманов (Македонија – Србија), Вања Ангелова (Бугарија) и Миле Топуз (Македонија). Зафир Хаџиманов е истакнат пејач, актер и писател; Вања Ангелова е универзитетска професорка, писателка и преведувачка, а Миле Топуз е доајен на македонскиот стрип и илустрација. Наградата ја доделува фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“.
Годинашните лауреати ја добиваат наградата за нивниот придонес во културолошката мисија, односно развојот и негувањето на културата, уметноста, науката и етиката, како и соработката и поврзувањето меѓу народите. Наградата се доделува во чест на роденденот на Гоце Делчев, 4 февруари, и неговата знаменита мисла „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Доделувањето е во рамките на Фестивалот на чајот и читањето, а свеченоста ќе се одржи на крајот од февруари во културниот центар „Феникс“.
Досегашни добитници се: Златко Крамариќ (Хрватска), Олга Панкина (Русија-Македонија), Даниела Костадиновиќ (Србија), Тања Попова (Бугарија), Звонко Танески (Македонија-Словачка), Волф Ошлис (Германија), Горан Калоѓера (Хрватска), Сабахудин Хаџиалиќ (Босна и Херцеговина), Лилјана Јанаќковиќ (Србија), Ресул Шабани (Македонија), Суат Енѓулу (Турција), Елка Наголова (Бугарија), Ристо Василевски (Македонија – Србија), Жан Патрик Конрад (Франција) и Кирил Темков (Македонија).