Петстотини години од смртта на генијалецот
Денеска се навршуваат петстотини години од смртта на Леонардо да Винчи, познатиот ренесансен сликар и универзален човек, кој почина на 2 мај 1519 година, на возраст од 67 години. Покрај тоа што насекаде е признаен како еден од најголемите сликари на сите времиња, Леонардо поседувал неверојатни таленти за цртање, сликање, правење скулптури, архитектура, наука, музика, математика, инженерство, литература, анатомија, геологија, астрономија, ботаника, пишување, историја и картографија. Го нарекувале и татко на палеонтологијата, ихногномиката и архитектурата, а заслужен е и за пронаоѓањето на падобранот, хеликоптерот и тенкот.
Како вонбрачен син на адвокатот Пјеро да Винчи и на селанката Катерина, роден во близината на тосканскиот град Винчи, Леонардо учел во студиото на фирентинскиот сликар Верокио. Работел кај Лоренцо де Медичи, владетелот на Фиренца и патрон на уметноста, пред да замине кај Лудовико Сфорца, војводата од Милано, каде што ги завршил повеќето од неговите најпознати дела. Подоцна работел и во Рим, Болоња и Венеција, а крајот на својот живот го поминал во резиденцијата „Кло-лусе“ во Амбоа, Франција, која му ја доделил кралот Франсоа Први.
Петстотинигодишнината од смртта на Леонардо инспирира десетици изложби низ Европа, а родната Италија нуди голем број атракции посветени на неговиот живот и работа. Секако, тука е и Франција, местото каде што поминал неколку продуктивни години.
Во Фиренца од крајот на март до крајот на јуни посетителите имаат можност да ја истражуваат мистеријата на неговата изгубена слика „Битката кај Ангиари“. Од средината на март до средината на јули, „Палацо Струци“ нуди ретроспектива на уметникот Андреа дел Верокио, учителот на Леонардо. Тука е прикажана единствената позната скулптура од Леонардо.
Во Париз, пак, изложбата во „Лувр“ е најголемо претставување на уметноста на Леонардо, а меѓу делата се „Дева на карпите“, „Ла бел Ферониер“ и „Мона Лиза“, кои може да се видат од крајот на октомври до крајот на февруари 2020 година.
Во Милано има серија изложби во „Пинакотека Амброзијана“, кои ги прикажуваат инженерските потфати на Леонардо, а ќе траат до средината на јуни. Неговите изуми од годините поминати во Франција ќе бидат изложени од средината на јуни до средината на септември. Неговото наследство, пак, ќе биде прикажано кон крајот на септември 2019 до средината на јануари 2020 година.
Во Лондон ќе биде поставена изложбата „Умот во движење“ во Британската библиотека, на која ќе бидат прикажани три од најважните тетратки на Леонардо. Од почетокот на јуни до почетокот на септември посетителите ќе можат да ги видат неговите ракописи.