Издавачката куќа „Везилка 2011“ ја објави „Главата на Франц Кафка” – трета книга од едицијата „Прашки ракописи” на писателот Ристо Лазаров.
Претходно во оваа едиција беа објавени книгите „Цветаева во Прага” и „Незгасливите чешки пламени”. Авторот најави уште седум книги во неговите „Прашки ракописи”.
Во книгата, која содржи 40 поглавја, еден дел е посветен на преписката на Кафка со Милена Јесенска, која според многумина е меѓу најубавите љубовни преписки во дваесеттиот век.
– „Главата на Кафка” е кус документаристички приказ на животот и делото на Франц Кафка, за кого е речено и запишано дека ’Франц Кафка бил Прага и Прага била Франц Кафка’. Така е и сигурно ќе остане така. Патеките на животот на Кафка водат директно во срцето на старата престолнина на вечната река – соопшти „Везилка 2011“.