Во Кинотеката на Македонија беа доделени наградите на годинашното издание на филмскиот фестивал „Киненова“. Тричленото жири, во состав Витали Мански, претседател, Јесин Устаоглу и Ана Хофман, кои одлучуваа за наградите во главната конкуренција, ги соопшти добитниците на наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и специјална награда за најдобра актерка.
За најдобар филм беше прогласен „Љубовен автомобил“ (Германија), по сценарио и во режија на Елкe Маргарете Леренкраус, филмаџика и визуелна уметница од Берлин. Во 2002 година дипломирала на Академијата за уметности во Келн, а веќе следната година добила и диплома за видеоарт на Универзитетот за уметност и дизајн во Луцерн. Нејзините филмови и уметнички дела се прикажувани на многу фестивали и изложувани во музеи низ светот и неретко се наградувани. „Љубовен автомобил“ е нејзино дебитантско целовечерно остварување.
Наградата за најдобра режија му припадна на Бабис Макридис за филмот „Сожалување“, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, авторот на „лудите“ филмови на Јоргос Лантимос, кои постигнаа завиден интернационален успех во изминатиот период. Со „Л“ од 2012-та режисерот ги навести својот талент и склоност кон црниот хумор, учествувајќи на многу угледни светски фестивали, како „Санденс“, „Ротердам“, „Бомбај“, за со неколкуте награди за „Сожалување“ веќе да се етаблира како филмски автор.
Рускиот филм „Човекот што ги изненади сите“ ја доби наградата за најдобро сценарио. Сценариото и режијата се на Алексеј Чупов и Наталија Меркулова. Ова е уште едно моќно дело од новото руско кино, кое на суптилен начин си поигрува со темата „идентитет“, подарувајќи ѝ на публиката неверојатни изненадувања, поради што досега собра дури 19 фестивалски награди низ светот. Меркулова и Чупов се сопружници, кои со години работат заедно и претставуваат неверојатен креативен филмски двоец. Нивните кратки и документарни остварувања со широки раце се пречекувани од фестивалските селектори, а нивниот прв целовечерен филм, „Интимни делови“, доби триесетина награди на фестивалите во Русија и низ светот.
Жирито донесе одлука специјална награда за најдобра улога да ѝ додели на актерката Снежана Богдановиќ, за улогата во филмот „Шевови“. Во конкуренција на кратки филмови, наградата за најдобар меѓународен краток филм ја доби „Капетанот“, за најдобар македонски краток филм – „Готлиб“, а специјална награда добија „Мојата сестра“ и „Змијулче“. Фестивалската програма продолжува со „Фокус кон современата унгарска кинематографија“, во која до 13 октомври ќе бидат прикажани филмовите „За тело и душа“ и „Мојот 20 век“, сценарио и режија Илдико Ењеди, и „Нежен син: Проектот Франкенштајн“ и „Јупитеровата месечина“, сценарио и режија Корнел Мундручо.