Македонскиот народен театар вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Галеб“ од Антон Павлович Чехов во режија на Нина Николиќ. Тоа ќе биде трето поставување на овој драмски текст од познатиот руски автор во 73-годишната историја на МНТ, каде што „Галеб“ досега го поставиле режисерите Димитар Ќостаров во 1960 година и Бранко Ставрев во 1990 година.
Нагласувајќи дека станува збор за дело од светската класика, режисерката Николиќ за својата верзија на „Галеб“ вели дека станува збор за текст во кој е јасно нагласено дека човек мора до крај да се бори за она во што верува и за она кое природно му следува.
-Драмата содржи приказна актуелна за сите нас, луѓето, кои копнееме за возвратена љубов, но и кои сме подготвени до крај да се бориме за невозвратената или неостварливата љубов во која веруваме. Драмата раскажува приказни кои се универзални и кои се движечка сила на човекот воопшто, бидејќи ништо не се променило од пред 120 години кога Чехов го напишал текстот – изјави Николиќ.
Во актерската екипа се: Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Сашка Димитровска, Славиша Кајевски, Тина Трпкоска, Дамјан Цветановски и Аксел Мехмед. Во поставувањето на претставата учествуваа и соработници од странство – сценографот Вишња Вујовиќ од Србија, дизајнерот на светло Крис Јегер од Велика Британија и кореографот Димитрис Сотириу од Грција. Композитор на главната музичка тема во претставата е македонскиот виртуоз на гитарата Влатко Стефановски. Во проектот се вклучени и драматургот Драгана Лукан Николоски и костимографката Ивана Каранфиловска-Угуровска кои се соработници на повеќе претстави на режисерката Николиќ.
Непосредно пред премиерата на „Галеб“, во фоајето на Македонски народен театар вечер ќе биде отворена изложба за одбележување на јубилејот на доајенот на македонското актерство – Петре Арсовски. Насловена е „Петре Арсовски, 50 години театар“.