Обоистката Ариан Баке и пијанистот Теодор Ламбер од Франција испишаа уште една магична ноќ во историјата на „Охридско лето“ со концертот што синоќа го одржаа во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот. Овој фестивалски настан секоја година се организира со поддршка на амбасадата на Република Франција во државава и Францускиот институт во Скопје.
Синоќешниот концерт во црквата „Света Софија“ го проследи и амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние, кој рече дека во град што е под заштита на УНЕСКО како што е Охрид, треба да се донесе најдоброто од европската култура.
– Охрид е место што служи за инспирација и секој што ќе дојде тука сака да го даде најдоброто од себе.Тоа е многу важно затоа што самиот град и езерото се под заштита на УНЕСКО. Ако понекогаш му се случува на човекот да ја уништува својата природна средина, тој може сепак да ја подобри својата културна средина, своето културно милје. И на секој од нас останува, преку фестивалот „Охридско лето“ да размислиме што е најдобро-човечкиот дух. Во ова место како што е црквата „Света Софија“ која можеби е најдобар пример за тоа каква може да биде човечката духовност, се разбира, многу е важно, ние да дадеме свој придонес, да го дадеме најдоброто од самите себе, најдоброто од европската култура, и јас мислам дека тоа е целта на сето ова што го
работиме – истакна Тимоние.
Уметниците Баке и Ламбер ја потврдија својата вируозност со одлично одбран репертоар со композиции од Шуман, Дранишкова, Чајковски, Пуланк Рахмањинов, а за крај на вечерта отсвирија делови од операта „Ла Фаворита“ од италијанскиот композитор Доницети.
– Поради состојбата со вирусот не можевме да свириме со месеци, па затоа овој настап на „Охридско лето“ ни дојде многу убаво, многу олеснувачки. Оваа црква и воопшто целиот град се прекрасни – изјави по завршувањето на концертот обоистката Баке.
Двајцата млади француски уметници престојот во Охрид го искористија и за разглед на убавините, и како што рекоа, се воодушевени од целокупното богатство што успеале да го погледнат.
– Бевме загрижени поради состојбата со ковид-19 и не можевме да свириме долго време. Затоа ви благодариме на поканата, и што нѐ угостивте во овој преубав град полн со убавини. Среќен сум што дознавме за Македонија, за овој град , за сета убавина , прекрасната архитектура и скриеното богатство што се наоѓа овде – рече пијанистот Ламбер.
Француската вечер на „Охридско лето“ секоја година ја воодушевува фестивалската публика со врвни уметници од Франција кои настапуваат со извонреден репертоар. Минатата година свој печат оставија кларинетистот Жо Кристоф и пијанистот Ванесан Мусат.