Откако пред нецела година ја издаде првата збирка поезија „Мојата Белица“, Зоран Костески во електронска форма ја издаде втората збирка песни „Волшебен сон“, инспирирана од едно припитомено срнче во неговото родно село и мечето што пред две години го затекнал во својот пчеларник.
– „Волшебен сон“ е наменета за децата од пониските одделенија, составена е од 23 строфични песни, а објавена е во електронската библиотека „Фондација Македоника“. Во песните доминираат лирски чувства со љубов кон природата и нејзина грижа. Живееме во време во кое се соочуваме со огромен број пожари, кои систематски ги уништуваат природните богатства. Мотивиран токму од уништувањето на природата, создадов стихови посветени на децата и кај нив уште од најмала возраст да се развие еколошката свест со силна порака за зачувување на животната средина – истакна Костески.
Збирката наскоро ќе се појави и во печатена форма, збогатена со повеќе песни.