Ѓорѓиев, кој е познат и како пантомимичар, посочува дека на 11-от „Панфиз“, кој денеска почнува во Скопје, првпат ќе се одржува и буто-работилница
Вашето име деновиве е директно поврзано со два различни, значајни културни настани, гостувањето на театарот „Бора Станковиќ“ од Врање со претставата „Три сестри“ на Чехов на фестивал во Омск, Русија, во ваша режија, и 11-от фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“, каде што сте организатор, но и настапувате како пантомимичар. Најнапред Русија, колку театарот „Бора Станковиќ“ и со последното гостување ви ги исполни режисерските замисли?
– Претставата „Три сестри“ ја доживеа својата премиера во октомври 2015 г. и оттогаш наваму таа има свој живот како на сцената на театарот во Врање, така и на многу фестивали низ Србија, Македонија, а од октомври 2017 г. и на два фестивала во Русија. Имено, на Интернационалниот фестивал во Липецк, Русија, претставата освои гран при за најдобра претстава во целина, а пред само неколку дена се вративме од 6-от интернационален фестивал „Академиа“ во Омск каде што навистина наидовме на одличен прием. Секако задоволен сум, претставата од изведба во изведба расте, а јас како режисер и актерскиот ансамбл исто така растеме заедно со неа и, секако, публиката што ја гледа.
Колку време соработувате со театарот во Врање и што сѐ досега како искуство успевате да пренесете, но и да вградите во својата актерска и режисерка кариера?
– Соработката почна со „Три сестри“ за две години подоцна да дојде и постановката на детската претстава „Мачорот во чизми“ и можам слободно да кажам дека искуството е огромно. За мене не само како режисер, туку и како актер, таа енергија што е заемна е еден вид поттик што нѐ води мене и овој мал но значаен ансамбл во современото театарско живеење во Србија кон поголеми успеси и остварувања.
Што носи 11-от „Панфиз“, има ли нови програмски сегменти? Што од ова негово издание ќе им го привлече вниманието на публиката, но и на актерската и на режисерката фела?
– Четири различни жанра, четири различни претстави што раскажуваат различни приказни би требало да бидат доволни за да привлечат внимание, но тука секако е и буто-работилницата, која првпат се одржува во рамките на фестивалот. Таа ќе трае два дена, нејзин водител ќе биде гостинот и буто-артист од Србија, Марко Нектан и се надевам дека посетителите ќе стекнат нови искуства и познанства.
Според вашите сознанија, колку пантомимичари има сега во Македонија, а колку во околните земји и каков вид спонзори, поддржувачи му на помагаат „Панфиз“ досега?
– Не знам точно, но пантомимата постои и артисти што се занимаваат со неа. Ние сме тука за да ги собереме на едно место, да се дружиме, да размениме мислења, како понатаму, што е тоа што нѐ засега, каде да се движиме и слично. Нашиот фестивал има помош од Министерството за култура, градот Скопје, а како спонзор на наградата веќе осма година едноподруго се јавуваат љубителите на пантомимата од Ботевград, Бугарија, Росен и Антонија Пацови, кои му се искрени пријатели на фестивалот.