Изложбата „Фрагменти“ од македонскиот скулптор Жарко Башески, прилепски уметник кој живее и работи во Скопје, беше отворена синоќа во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Изложбата предизвика голем интерес. Ликовната галерија беше преполна со посетители кои сакаа да ги видат скулптурите на Башески, изработени од полиестер, силикон, текстил.
Изложбата ја отвори историчарката по уметност Викторија Димеска, која посочи дека изложбата „Фрагменти“ содржи дела создавани во различни периоди.
– Користејќи се со материјали како стаклена волна, силикон полистер, акрилик, природни влакна и текстил, конструира минијатури, скулптури со човечки размер и хипер реалистични фигури. Преку веродостојната и експресивна моќност на реалистичната претстава, односно нераскинливата врска меѓу физичкиот стимул и психичката состојба на фигурата, Башески ја ослободува скулптурата од нејзиниот традиционален концепт и нуди интепретација и релација меѓу делото и определениот простор. Управувајќи со фигурата, како авторот во куклена претстава, Башески ја режира и ја поставува сцената, вовлекувајќи го посетителот во прецизна, директна и активна интеракција со реанимираната фигура, при што, секој поединечно, фигурата и
посетителот, ја изведува и артикулира сопствената улога – посочи на отворањето на изложбата Димеска, додавајќи дека современиот човек се соочува со неможноста за идентификување или сплотување со сопствената автентична природа.
Прилепчани ќе можат да ја посетат изложбата во наредните три недели. Ка.М.