Виолета Чаповска за проектот „Сол“ во Отвореното графичко студио
Во Отвореното графичко студио при Музејот на градот Скопје, вечерва, во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата „Сол“ на уметницата Виолета Чаповска каде што ќе бидат презентирани фотографии, видео и инсталација од најновиот, истоимен специфичен проект, изведен во јули 2018 година на Мало Езеро на планината Пелистер, на надморска височина од 2.180 метри. Проектот „Сол“ го продолжува тековното истражување на авторката за локацијата на идентитетот и еколошкиот интегритет на езерото. Тој е еден од трите ефемерни проекти заедно со „Малото Езеро“ (1994) и „Јас и окото“ (1996), кои вклучуваат интервенции со разни елементи во и околу пелистерското езеро, и чија основна идеја е меѓусебната поврзаност на предметите од различни географски, културни и историски локалитети и време во однос на себеси и него. Со „Сол“ се заокружува трилогијата на проектите „Ленд принт“ на Чаповска на Мало Езеро, а враќањето по 22 години и соочувањето со него, како што е и посочено во оваа пригода, отвора нови прашања за врската меѓу идентитетот и природата.
– И покрај тоа што живеам во Австралија, моите најсуштински и најважни дела се зачнати или се остварени во Македонија. Врската меѓу двете култури е многу важна за мене. Проектот „Сол“ започна во шест часот наутро, со планинарење низ Пелистер, кое траеше девет часа. Планинарот Благоја Лазаревски, вторпат ја водеше нашата екипа до езерото. Самиот перформанс и неговото документирање траеше само еден час. Како и со другите два проекта, бев подготвена на променливата и непредвидлива природа. Овој пат времето беше ветровито и облачно што се одрази на потемните тонови, видливи во фотографиите. Од последниот проект во 1996 година, езерото и јас бевме променети. И покрај планот да го заокружам езерото со белата линија од сол, тоа не се реализира. Кружењето беше бавно и мачно и ја рефлектираше мојата истоштеност. Инсталацијата со сол е ново дело, посебно планирано за галерискиот простор во Скопје. Солта ја пронајдов од фабрика во Маџари во Скопје и бев изненадена кога дознав дека е морска, со потекло од Египет. На тој начин во оваа изложба спојувам три различни видови сол од Европа, Австралија и од Африка. Секогаш кога подготвувам изложби или проекти во Македонија, посебно задоволство и уживање ми претставуваат соработката и помошта што ги добивам од обичните луѓе, кои секогаш покажуваат голем ентузијазам за моите обиди или планови да остварам некаква инсталација, или да пронајдам одредени материјали или објекти за моите дела – вели уметницата Чаповска.
Австралиската езерска сол во нејзиниот проект потекнува од соленото езеро Кристал, старо 5 милиони години, додека македонската, кујнска сол, која е исто така користена на Пелистер и потекнува од Тузла, била купена на пазарот во Ѓорче Петров. Обидот да се обиколи езерото со линија од сол во овој проект го поставува прашањето за конзервирање и кревката желба за негова заштита. Историчарката на уметноста Сузана Милевска е авторка на есеите во каталозите за сите три принт-проекти на Чаповска. Исток Чаповски е авторот на фотографијата, видеографијата и монтажата на видеото од проектот, додека музиката во него ја потпишува Горазд Чаповски.