Во ликовната галерија при Центарот за култура во Кичево, вечерва, во 19 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба на дела од Младинската керамичка работилница, која во изминатите четири години се одржува во грнчарското село Вранештица. Ќе бидат претставени дела од ученици од државното средно училиште за уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ од Скопје и од ОСУ „Мирко Милески“ од Кичево, од кои осуммина учествуваа на работилницата одржана ова лето.
– Учениците од двете училишта твореа во работилницата на мајстор Слободан Столески од истото село, а некои од нив беа учесници на работилниците и во претходните неколку години. Покрај во Кичево овој опус ќе биде претставен есенва и во Скопје, во изложбениот простор на училиштето „Лазар Личеноски“ – рече Гоце Стоилкоски, кој е и професор и ментор во истото училиште, а како ментор на работилницата беше придружуван од професорот Јован Наумоски. Стоилкоски го радува фактот што учениците со стекнатото знаење и искуство, веќе немаат предрасуди кон глината и кон грнчарскиот занает.