Фестивалот ќе го отвори филмот на Џим Џармуш, кој е во главната програма со својата зомби-комедија „Мртвите не умираат“. Кен Лоуч овој пат доаѓа со филмот „Жал ни е што ве пропуштивме“, социјално ангажирана драма за една двојка што се бори да преживее во модерна Англија, додека Алмодовар ќе го претстави својот нов филм „Болка и слава“ со познатиот холивудски актер Антонио Бандерас

На годинешното 72. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Кан, кое почнува денеска и ќе трае до 25 мај, за „златната палма“ се натпреваруваат 19 филмски приказни од целиот свет. И Марадона и Елтон Џон ќе се најдат пред присутната канска публика со својата биографска приказна, но овој пат надвор од конкуренција за награда. „Паразит“, „Предавник“ и „Болка и слава“ со Антонио Бандерас во главната улога се дел од вкупно 19 филмски приказни од целиот свет што годинава ќе се натпреваруваат за „палмата“ во рамките на реномираниот филмски фестивал. Она што е познато со објавувањето на деталната програма е дека Џим Џармуш, Кен Лоуч, Педро Алмодовар, Теренс Малик и браќата Дарден, претходните лауреати на Канаскиот фестивал, и годинава повторно ќе се најдат во главната конкуренција, во која наградата ќе ја додели жирито предводено од мексиканскиот режисер и оскаровец Алехандро Гонзалес Ињариту.

– Ќе видиме филмови на жени режисери, премиери, американски остварувања, филмови со зомби, сликари, пејачи, полицајци, паразити и насилна мафија – најавува селекторот Тјери Фремо.
Фестивалот ќе го отвори филмот на Џим Џармуш, кој е во главната програма со својата зомби-комедија „Мртвите не умираат“. Кен Лоуч овој пат доаѓа со филмот „Жал ни е што ве пропуштивме“, социјално ангажирана драма за една двојка што се бори да преживее во модерна Англија, додека Алмодовар ќе го претстави својот нов филм „Болка и слава“ со познатиот холивудски актер Антонио Бандерас во главната улога. Двојните кански победници, браќата Дарден доаѓаат во Кан со филмот „Младиот Ахмед“, кој зборува за радикализацијата и за белгискиот тинејџер, кој прави заговор за да го убие својот учител откако ја прифаќа екстремистичката интерпретација на Куранот. Теренс Малик ќе го претстави својот долгоочекуван филм „Тајниот живот“, а Мати Дроп со остварувањето „Атлантис“. Ксавиер Долан е вклучен во конкуренцијата со „Матијас и Максим“. Француската режисерка и сценаристка Жустин Триет, која со претходниот филм „Во кревет со Викторија“ исто така беше во главната програма на Канскиот филмски фестивал во 2016 година, се врати на голема врата, овој пат со насловот „Сибил“.

Претседател на жирито е мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Ињариту, добитник на два „оскара“ за филмовите „Повратник“ и „Човек птица“. Со изборот на 55-годишниот мексикански уметник на местото претседавач со жирито, фестивалот ќе ја слави целокупната мексиканска кинематографија и во прв план ќе го стави режисерот, кој со помош на виртуелната стварност на гледачите им овозможи да го спознаат пеколот низ кој минуваат мигрантите во филмот „Месо и песок“. За овој филм во 2018 година Инариту го освои „оскарот“ во категоријата особени постигнувања. Лани претседателка на жирито беше актерката Кејт Бланшет, која играше во неговиот филма „Бабел“ од 2006 година. Инариту тогаш ја освои „златната палма“ за најдобар режисер.

Фестивалот годинава ќе ѝ оддаде почит на неодамна почината режисерка Агнес Варди, со нејзиниот лик на главниот плакат за настанот.

Свеченоста ќе ја отвори филмот „Мртвите не умираат“ на американскиот независен режисер Џим Џармуш, кој во 1984 година ја доби „златната палма“ за остварувањето „Почудно од рајот“. На фестивалот ќе биде прикажан и биографскиот филм за Елтон Џон, „Рокетмен“.
Француската актерска легенда Ален Делон (83), пак, ѕвездата на филмовите „Роко и неговите браќа“, „Самурај“, „Гепард“ и „Господин Клајн“, е добитник на почесната „златна палма“.

– Станува збор за жива легенда, за глобална икона – изјави директорот на Канскиот фестивал, Тери Фремо, соопштувајќи ја одлуката на жирито за доделување на наградата на Делон.
Делон се прослави со улогата на Том Рипли во филмот „Во зенитот на Сонцето“ од 1960 година, а три години подоцна беше номиниран за „златен глобус“ за ролјата во „Гепард“. Во 1968 година Делон беше осомничен за убиство на неговиот телохранител, југословенскиот државјанин Стевица Марковиќ, кого го запознал за време на снимањето на филмот „Марко Поло“ во Белград. Поради недостиг од докази, Делон подоцна беше ослободен од обвинението.

Инаку, годинава и американскиот актер Силвестер Сталоне ќе пристигне на филмскиот фестивал во Кан, каде што ексклузивно ќе бидат прикажани снимки од петтото продолжение на серијата „Рамбо“, на специјална проекција приредена како омаж за актерот, најавија организаторите на фестивалот. Актерот, роден во 1946 година, е познат по улогите на силни момци. Сталоне на Канскиот фестивал беше неколкупати. Во 2014 година, заедно со Арнолд Шварценегер, Харисон Форд и со Антонио Бандерас, дојде да го претстави акцискиот филм „Платеници 3“. Актерите тогаш дојдоа во оклопно возило на воодушевување на публиката.
Проекцијата во Кан е закажана за 24 мај, кога, покрај делови од новиот филм, ќе биде прикажана и биографијата на Сталоне и обновена верзија на првиот филм „Рамбо“ од 1982 година.

„Златната палма“ лани ја доби филмот „Крадци“ на јапонскиот режисер Хироказу Кореда. 


Во Кан имаме свој штанд

Агенцијата за филм на Македонија и оваа година во Кан ќе ги претстави најновите македонски филмови на својот штанд во павилјонот на Југоисточна Европа, каде што традиционално има голем број посетители и професионалци од филмската индустрија. Во рамките на фестивалот ќе биде прикажан омнибус од пет краткометражни филма, во кои ќе учествува со свој филм и македонската авторка Елеонора Венинова. На филмскиот маркет, на 17 мај, ќе биде прикажан филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“, во режија на Куштрим Бектеши, копродукција помеѓу Македонија, Косово и Албанија. На третата работилница од програмата за развој на сценарија ќе учествува македонскиот режисер Вардан Тозија.