Изложбата „Соочување“ го симболизира соочувањето со сите емоции, соочувањето со нашите белези, кои и колкави линии се останати во нас за овие две години, вели авторката Маја Танева
Маја Танева, скулпторка
Изложбата „Соочување – пандемиско емоционално соочување“ на Маја Танева беше поставена во Паркот на франкофонијата – Мобилна/Монтажна галерија на ЦСУ. Во пандемиското емоционално соочување, како метафорична инспирација на авторката се вилинските коњчиња, најосетливите инсекти во природата, кои се сметаат за индикатори на трансформација, победа, слобода и креативност. Индустриските челични јажиња, како материјал што е користен при моделирањето и создавањето на овие ѕидни инсталации, во рацете на авторката се преточени во органски форми што ги прикажуваат чувствата и емоциите, како рефлексија преку грубиот материјал и првиот инстинкт на творење.
Маја Танева во 2009 година завршила Академија за ликовни уметности во Софија, отсек скулптура, во класата на проф. Емил Мирчев. Членка е на ДЛУМ. Досега имала повеќе самостојни изложби и била дел од неколку групни изложби.
Со изложбата „Соочување“ ги поставувате прашањата дали се враќаме во нормалноста на живеењето, какви промени ќе остави ова искуство врз нас… Какво соочување ни нудат делата од изложбата?
– Соочување со сите емоции, соочување со нашите белези, кои и колкави линии се останати во нас за овие две години. Се надевам на нормализирање при споделувањето на индивидуалното искуство, без осуда, исмевање, прифаќање дека секоја личност ја војува својата борба.
Како се создаваа делата?
– На оваа изложба се претставени ѕидни инсталации, тридимензионалноста од скулптурата е затворена во рамка и прикачена на ѕид. Пристапот на моделирање е ист како и при создавањето скулптура. Инсталациите се создадени со индустриски челични јажиња, материјал што се користи во тонската индустрија, под категоријата опрема за подигнување. Од неговата примарна намена следуваат цврстината и истрајноста на материјалот, но и можностите што како автор ги гледам во овој материјал за моделирање. При обработката и поминувањето на секоја жица низ моите раце тие се менуваат, добиваат сјај, почнуваат да рефлектираат нежност и игра со линијата и формата.
Со што се соочивте вие како уметница и скулпторка во пандемијата?
– Ќе започнам со последното искуство. Првично изложбата беше закажана за крајот на октомври. На почетокот на месецот ги добивам првите симптоми и позитивен ковид-тест, а изложувањето на делата е одложено. Целиот труд, организацијата, распоредот на галерискиот простор претрпеа промени. За жал, ова е новата нормалност. Сите обврски ги вршиме со временска резерва и неизвесност, тоа создаде грч кај мене, а емоциите вртелешка, горе-долу. Спротивно од искуството со вирусот и неизвесноста, добив време, момент што станува луксуз, верувам, за сите над 30-та година од животот. Добив време во кое можам да застанам, да се преиспитам, да размислам и време да творам.
Пресликано во уметничка форма, што ви претставуваше најсилна инспирација периодов?
– Емоцијата, секојдневната вртелешка од дневни емоции. Верувам, одеднаш многумина од нас во овој период ги дополнивме временските недостатоци да поминеме сами со себе, особено во периодот на карантините. Веќе со години го набљудувам сопственото опкружување, емотивните извртувања што се одвиваат на поблиските и подалечните во опкружувањето и секојдневната борба, која заклучив дека буквално сите ја доживуваат.
Каква симболика носат вашите вилински коњчиња?
– Научив и велам, вилинските коњчиња се меѓу првите инсекти што се најосетливи на промените во животната средина, тие претставуваат индикатори на состојбата во речните екосистеми. Оттука, преку нив метафорично ги претставувам емоциите. Секое дело е со наслов што рефлектира чувство. Преку моделирањето на формата на вилинските коњчиња ја претставувам емоцијата, страв или среќа, дополнителен фактор е и бојата, нејзината рефлексија на композицијата. Тие се инсекти со многу голема симболика сами по себе, исто така означуваат и нов почеток, преродба, а во многу култури се сретнуваат и како носители на добра енергија при пресвртот на околностите и промените. Оттука, и во симболиката, а и во еколошкиот циклус, најзаслужено се најсилните индикатори на промена.