Иако операта се смета за најмизогина од сите уметности поради страшните судбини што им се случуваат на женските ликови, тоа полека се менува. Во големите традиционални оперски куќи, работите се движат побавно, иако во 2016 година операта „Метрополитен“ во Њујорк ја постави првата своја опера што ја напишала жена, „Л’амур де лоин“, на финската композиторка Каија Сариахо, напишана пред повеќе од еден век. Лондонската Кралска опера најави дека ќе ангажира повеќе жени режисери
Угледната Виенска државна опера првпат во својата 150 години долга историја на сцената постави опера напишана од жена. Премиерата на операта „Орландо“ на Олга Нојвирт, која се одржа на 18-ти месецов, е направена според славниот роман на Вирџинија Вулф, „Орландо: Биографија“.
– Сакав малку да го размрдам ова старомодно, преубаво место – изјави Олга Нојвирт, 51-годишна австриска композиторка во разговор за лондонски „Гардијан“.
„Орландо“ се смета за прв роман на англиски јазик што се занимава со трансродова проблематика, истражувајќи ја родовата флуидност, а Нојвирт вели дека тоа и била една од омилените книги уште кога ја прочитала на 15 години.
– Не се работи само за поигрување со родовите туку во прашање се доведуваат сите бинарни системи. Орландо е исклучително човечко суштество што го доведува во прашање секој вид дуалност и го доживува чувството на „она помеѓу“, како во животот, така и во уметноста. Се работи за слобода на говорот, за тоа да бидете она што сте, да одберете идентитет што ви се допаѓа и да не го ставате во фиока ако сте маж или жена – вели композиторката.
Орландо во романот на Вирџинија Вулф започнува како 30-годишник во елизабетанска Англија, а завршува како жена во 1928 година, кога книгата и е објавена. Во операта составена од 19 сцени, која ја напиша Нојвир, дејството се одвива до денес. Улогата на детето на Орландо ја игра трансродовиот американски кабаретски уметник Џастин Вивијан Бонд, заедно со класично школувани оперски пејачи.
Иако операта се смета за најмизогина од сите уметности поради страшните судбини што им се случуваат на женските ликови, тоа полека се менува. Во големите традиционални оперски куќи, работите се движат побавно, иако во 2016 година операта „Метрополитен“ во Њујорк ја постави првата своја опера што ја напишала жена, „Л’амур де лоин“, на финската композиторка Каија Сариахо, напишана пред повеќе од еден век. Лондонската Кралска опера, пак, најави дека во иднина ќе ангажира повеќе жени режисери.
Во создавањето на „Орландо“ сите клучни улоги им припаѓаа на жени: Нојвирт го напиша либретото заедно со драматургот Катарина Филоукс, режијата ја потпиша Британката Поли Греам, а костимите ги дизајнира славната јапонска креаторка Реи Кавакубо, основачка на модниот бренд „Коме де гарсон“.
Нојвирт вели дека иако полека се зголемува видливоста на жените автори, има сѐ помалку оперски куќи подготвени на креативен ризик.
– Повеќето оперски куќи за жал станаа музеи, така се намали нивната тенденција што веруваат дека современите композитори би можеле да креираат нешто ново со актуелни теми во комбинација со предизвикувачка музика – смета таа и нагласува дека во 1970-тите години во таа смисла имало повеќе склоност кон истражување и експериментирање.
Имено, во 2004 г. Виенската државна опера ја откажа нарачаната опера што Нојвирт требало да ја работи според либретото на австриската нобеловка Елфриде Јелинек. Операта требало да се занимава со злоупотребата на деца од страна на нацистичките лекари, но од Виенската опера го одбиле либретото на Јелинек и претставата никогаш не го виде светлото на сцената.
– „Орландо“ за конзервативците исто така би можел да биде тврд орев, не само поради ликовите и темите туку и поради музиката, која е премногу модерна, бидејќи покрај оркестарот на Виенската државна опера има и електрични гитари, два синтисајзера, а некои пејачи се сместени во џиновски лустер. Кон тоа може да се додадат и неколку звучни слоеви на електроника, џез-бенд што на сцената произведува различни звучни ефекти. Многу од музичарите од оркестарот не се одушевени од моите идеи. Препрочитувањето на нормите и поставувањето на прашањето кои сме ние почнува од самиот звук – образложува композиторката.
Како што пишува „Гардијан“, веќе се појавија знаци на турбуленција – иницијалната директорка на продукцијата, Каролине Грубер, беше сменета со почетокот на работата на претставата, а матинеата закажани за таа недела беа откажани.