Аница Добра, актерка
За нас, македонските творци се на феноменален глас, пред сѐ поради она што го носат во стомакот, рече познатата српска актерка со меѓународна кариера, ѕвезда на 3-от меѓународен фестивал на дебитантски филмови „Киненова“
Аница Добра, позната српска актерка чии улоги во низа поранешни југословенски филмови и денес се паметат, актерка што од 1988 година гради успешна филмска кариера паралелно и во Србија и во Германија, деновиве во Скопје ја прими наградата за особен придонес во светската филмска уметност, која ѝ ја додели 3-от меѓународен фестивал на дебитантски филмови „Киненова“. Ѕвездата на фестивалот, говорејќи за актерството, за вредноста на филмот денес, меѓу другото откри дека досега разговарала со македонски режисери за улога во македонски филм, но дека иако ништо сѐ уште не се случило, сите опции се отворени.
Имате многу специфична професионална приказна, 30 години како актерка работите паралелно дома, во Србија, и во Германија. Во вашиот личен филм, претпоставувам, имате многу брзи промени, бидејќи системот на функционирање на земјите во ЕУ во сите области, па и во уметноста е различен од Балканот. Како пливате во сето тоа, тоа е најверојатно и многу стресно искуство за вас?
– Вие рековте една добра работа, дека мојот пример е апсолутно специфичен. Ако би сакале да зборуваме за Европската Унија, би морале да се занимаваме со некаква стандардизација, ако би сакале да зборуваме за Балканот, повторно би требало да се занимаваме со некаква стандардизација, а јас сум надвор од сето тоа. Просто не сакам да припаѓам ниту на едното ниту на другото, туку сакам да им припаѓам на луѓето на кои им се обраќам. Не сум поврзана со ЕУ во која работам, јас не сум во таа смисла поврзана со кој било систем и таму каде што живеам и каде што ја црпам мојата енергија. Јас живеам во Белград и таму си ги полнам батериите, таму и се инспирирам, таму живеам и се подготвувам за сите проекти каде било на светот. Значи не постои систем Европска Унија, не постои систем Балкан, туку постојат луѓе со кои работам, на кои сакам да им се обраќам, и постојам јас. Сметам дека сѐ поаѓа од поединецот, дека ние самите навистина имаме голема одговорност за сѐ што работиме и за сѐ што ни се случува. Помина времето на поништување на сето она што некој друг го направил, па на остатоците од тоа ние правиме систем. Тоа не постои. Ние сме и тие остатоци и новото, и ова другото и третото, и горе, и подобро и подлабоко, и поплитко. Ние сите сме дел од тоа. Добро го кажавте зборот пливање. Ако не научиме да пливаме во сето тоа, готово е, нас нѐ нема!
Мала дигресија. Големо е прашањето колку филмот денес ѝ е потребен на публиката, а нам ни треба таа. Некако дојдовме во време кога се смета дека филмот стана некаква ексклузива, за која се поставува големо прашање дали ќе допре до широк број луѓе. Но ние навистина мораме да се бориме и затоа денес е премногу важно, ова време, овој фестивал е многу потребен за да им помогне на дебитантите. Верувам дека е многу тешко да се воспостави фестивалот „Киненова“, потребни се голема концентрирана енергија и ентузијазам на луѓето што воспоставуваат ваков вид фестивал. Тоа е не големо ниво, а на мало ниво тоа се случува и со секој филм. Јас сум голема идеалистка и длабоко верувам во тоа дека некогаш кога ќе се види целата слика, дека сето ова што ние го правиме ќе има смисла.
Како што и денес има смисла на пример, вашиот актерски, пејачки ангажман во филмот „Како пропадна рокенролот“, соработката со бендот „Електрични оргазам“.
– Да, а ние, на пример, кога го работевме филмот „Црниот бомбардер“ бевме студенти, незадоволни со постојното сценарио и режисерот Дарко Бајиќ ни рече: „Ок, ајде да седнеме, да работиме и да видиме што нудите вие како идеи“. Тоа беше најпрво преголема одговорност и си помисливме: „Не, не“, а потоа почнавме редовно да се гледаме, да зборуваме, да мечтаеме, да предвидуваме, да се плашиме од нешто што не можевме свесно да кажеме што е тоа. А тој ни поверува и затоа тој филм го антиципираше времето што доаѓа и затоа е важен. Значи почнавме повторно од некоја ситна коцкичка, од еден момент дека нам, на младите глумци, небитни и желни за работа, режисерот ни дозволи, ни пушти. И денес ние, по 20-30 години, можеме да зборуваме за тоа. Така што се надевам дека и денес некои млади автори имаат некаква визија.
Деновиве овде, во Скопје, изјавивте дека сакате да работите со студентите и на студентски филмови. Имате ли перцепција кои се тие студенти во овој период на Балканот, во Србија, што најмногу ве слушаат? На кој дел од нив мислите дека најмногу му треба вашето искуство?
– Двострано е. Или го имате она: „Ама ајде, што има оваа тетка да ни каже“, или пак спротивно од тоа: „Ајде да видиме, да чуеме што имаш да ни покажеш и да ни кажеш“, што е добро, бидејќи тогаш човек има некаков порив повторно да се докаже. Повторно да биде свеж, да најде нешто ново во себе и да расте низ тоа. Ако можам да му помогнам на некој студент да бидам во неговиот филм и ако сметам дека тој филм за мене има смисла, тогаш тоа многу ми значи мене. А се надевам дека им значи и ним.
Игравте меѓу другото во познатиот филм „Клопка“ со Небојша Глоговац, чија тема е фрагилна, но и многу силна. Филм што е многу добро направен, а третира една трагична семејна драма. Кажете ми колку тој филм во овој период, кога на секое ниво Балканот е многу изложен на такви лични, секојдневни драми, бараше од вас многу поголема подготовка од обично?
– Вие повторно рековте една многу убава работа што јас никако не успеав да ја напоменам, а секогаш мислам на неа, ние треба да се враќаме на судбината на „малиот човек“ и да се препознаваме во него во тие приказни. Тоа е начинот на кој јас мислам дека филмот може и треба денес да биде гледан.
Во филмот „Клопка“ не станува збор само за малиот човек од маргините туку и за системот зошто тој станува таков каков што станува. Срдан Голубовиќ е многу фин режисер со нежни чувства. Бидејќи јас го знаев сценариото, во еден момент го видов и филмот, не само што ние глумците го надградивме, го надгради и тој режисерски, бидејќи беше во дослух со глумците. Тој исто така е некој што им верува на глумците. Јас само не сакам да се стекне впечаток дека глумците се алфа и омега на секој проект, па, ете, така Бајиќ им веруваше на глумците, па направи добар филм, навистина не го мислам тоа, но неопходна е една меѓусебна доверба. Факт е дека Срдан исто така беше некој што сакаше да слушне не фалби за неговото сценарио туку и она што му е маана, она што некој друг мисли дека не е добро, но директно и без милост, сакаше да слушне сѐ што мислиме. И од тоа создаде навистина флуидна приказна. Не знам дали знаете, тој влезе без никакви средства и маркетинг меѓу девет странски филма за избор за „оскар“ за странски филмови, а потоа отпадна во последниот круг со пет филма (тогаш беа само пет). Сакам да кажам дека влезе меѓу деветте филма без ништо, само со својата идеја и со таа фина работа.
Се разбира дека тоа бараше концентрација и пред снимањето што се однесува до нас глумците и за време на снимањето на филмот. Најдобрата актерска работа е да се постигне максимум само однатре, што гледано однадвор изгледа дека е ништо, а всушност е полно како око што треба да засолзи. Се разбира, знаете како се вели, добрата поделба е половина филм и сигурно е дека во тоа има вистина. Постои и друго правило, од добро сценарио може да излезе и добар и лош филм, а од лошо сценарио само лош. Тука навистина имавме врвна поделба на улоги и добро сценарио, и тоа навистина е филм што треба да се спомене.
Срдан Голубовиќ моментално го снима својот нов филм „Татко“. А што снимате вие сега, што работите?
– Јас моментално имам многу претстави во театар во Белград, театарскиот живот подразбира многу патувања по внатрешноста, по градовите, многу гостувања, а кога ќе се „намести“, тогаш и снимам филм. Вчера се вратив од Германија, каде што моментално снимам еден филм наречен „Кино“. Се обидувам упорно во главата да смислам како би бил преводот на филмот, но не е можно. Тоа е црна трилер-комедија. Навистина мислам дека денес не постојат жанрови, постојат приказни, а некои други, теоретичари на филмот, смислуваат кој е тој жанр. Но денес навистина веќе не треба да се занимаваме со жанровите, затоа што во рамките на една сцена, односно во рамките на еден филм постојат повеќе жанрови, а дури и во една сцена се случува да има и едно и друго. Ете, и тоа е еден нов дух на времето, кој донесе нова ера во филмот. Сега јас и реков некоја одредница, но „Татко“ е многу бизарен филм, со многу бизарни ситуации, и тука се чувствувам како на свој терен. Режисер е Ед Херцог, „Константин филм“ е продуцент. Убаво е кога човек може да биде и таму и овде и да каже нешто и таму и овде.
А кога сте веќе овде, можете ли да ни кажете какво ви е искуството со македонските „филмаџии“, не само со луѓето што организираат фестивали, туку со режисерите, продуцентите. Сте добиле ли некогаш понуда да играте во македонски филм?
– Кога бев млада имаше различни опции и големи желби да учествувам во некој филм. Не знам дали знаете дека за нас македонските творци се на феноменален глас, пред сѐ поради она што го носат во стомакот. Вие некако во исто време имате голема емоција во облик на некаква тага, а исто така и некаква голема радост и гостопримливост.
Кои се тие режисери од Македонија со кои сте контактирале тогаш?
– Не би сакала да откривам сега имиња со кого контактирав, бидејќи не се случи ништо.
Тоа било некогаш, но дали би сакале сега да играте во некој наш филм?
– Па како не, па јас бев тука пред неколку години на еден разговор, но не ни се случи филм. Но не би зборувала за имиња, а како да ви кажам, сите опции секогаш се отворени, како што гледате.
Можеби ќе се отвори нова можност…
– Можеби. Видете, светот е всушност мал! Јас секако овој ваш простор го сметам за мој дом и за моја куќа. Јас сум од таа генерација што во училиште читаше текстови на македонски јазик во читанките, така што сето ова го гледам во добра смисла, како нешто каде што можам да се инспирирам, каде што можам навистина да се чувствувам добро и добредојдено и каде, како што веќе имам кажано, можам и добро да јадам!