На вториот ден од 55 МТФ „Војдан Чернодрински“ денеска напладне беше промовирана книгата „Невидливите“ од Тена Штивичиќ во која се објавени три драмски текстови „Седум дена во Загреб“, „Искри“ и „Невидливите“.
Книгата ја промовираше драматургот Лидија М. Ѓорѓиовска, потенцирајќи дека станува збор за текстови кои се врв во современата европска драматургија.
Вечерва на Фестивалот се две претстави во официјална конкуренција. Театар „Комедија“ од 19 ч. на сцената од ЦК „Марко Цепенков“ ќе ја изведе „Вечера за глупаци“ од Вебер во режија на Ирена Стеријовска, додека театарот домаќин „Војдан Чернодрински“ на матичната сцена од 21 ч. ќе ја прикаже „Глембаеви“ по Мирослав Крлежа, во режија на Бранко Брезовец.
Инаку, 55 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ беше отворено синоќа со доделувањето на наградите за животно дело на Борис Чоревски, Емил Рубен и Крсте С. Џидров и изведбата на претставата „Мој термин“во режија на Синиша Ефтимов на МНТ.
Фестивалот го отоври министерката за култура Ирена Стефоска, која рече дека театарот е секогаш жив.
– Со векови наоѓа волшебни излези од секоја ситуација. По изминатиов период, полн со, досега, непознати искушенија и предизвици, вечерва сме овде заедно. Најдобрата терапија за човештвото е токму уметноста.. Маските сега се во публиката, улогите не се променети, зашто желбата и потребата да се негува духот, да се осмислува стварноста низ уметност, одново го придвижуваат светот. Изменети сме, но повторно сме заедно. И додека првата слика за театарот, уште од античко време, се двете маски: Талија и Мелпомени, маските се сега меѓу публиката, но улогите не се променети. Желбата и потребата да се негува духот, да се осмислува стварноста низ уметност, одново го придвижуваат светот. Со посебна возбуда и жар, повторното отворање на театрите, го враќа идентитетот на градовите, пулсот на човештвото. За тоа сте заслужни сите што сте на сцената, сите зад овие кулиси, и секако –публиката. Вашата упорност, страст и љубов во овие времиња што ги живееме, се победници во чувањето на здравиот дух и на нашето ментално здравје. „Чернодрински“ на своето отворање ни закажа „Мој термин“. Можеби и не е случајно. Најдобрата терапија за човештвото е токму уметноста“ – рече Стефоска од сцената на ЦК „Марко Цепенков“.
Ка.М.