Под мотото „Ова е наше време: Време за театар“ вечерва од 19.30 часот во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп започнува 54-от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе трае до 15 јуни. На отворањето најпрво ќе бидат доделени наградите за животно дело на Владимир Милчин, режисер и на актерот Бајруш Мјаку, за потоа да има настап музичарот Влатко Стефановски, по што МНТ ќе ја изведе претставата „Магбет“, во режија на Нела Витошевиќ.

Според уметничкиот директор Катерина Коцевска, македонскиот театар е на многу високо ниво во регионот.

-Публиката ќе види вкупно осум претстави во официјална коннкуренција, по што ќе се реализираат разговори на тркалезна маса. Новина е што се воведува гласање на публиката која ќе има право да избере најдобра претстава, а наградата ќе ја додели градоначалникот на општина Прилеп на затворањето на фестивалот – потенцира Коцевска.

Театарот е можна работилница и погон за приказни.

-Во театарот приказната не се раскажува туку се покажува. Таа е сега и тука, пред нас, на дофат. Театарот е мегдан на кој го остриме алатот на нашата приказна, разбој на кој ги ткаеме нејзините конци, тука го вежбаме мускулот  на нашата свест и совест, го уточнуваме нишанот на нашата акција, ја ставаме на вага нашата историја и судбина. Ја покажуваме нашата приказна – нашата вистина за тоа кои сме биле, кои сме и кои сакаме да бидеме однапред – вели Коцевска.

Членови на жирито се Бедија Беговска, Љиљана Богојевиќ и Маја Вељковиќ.

Во рамките на фестивалот ќе има и придружна програма со претстави на студенти, како и промоции на театарска литература, трибини – меѓу кои и „Ова е мое време, време за театар“.

Ка.М.