Во организација на Здружението за алтернативна култура „Алтер Центар“ од Кавадарци вечерва со почеток во 20 часот во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ по трет пат ќе се одржи меморијалната манифестацијата „Пријателите за Ристо“ посветена на кавадаречкиот ликовен уметник Ристо Соколов Сокол која е подржана од Министерството за култура на Република Македонија.

Ристо Соколов (16 април 1957-14 февруари 2015) со своето творештво остави значаен белег во македонското современо сликарство со бројните ликовни изложби во Македонија и странство по неговото неповторливо учество во мултимедијалните перформанси во кои создаваше дела во огромни димензии пред публика во соработка со најдобрите театарски уметници, музичари и поети од Кавадарци и Македонија.

Ристо е основач на култното кавадаречко уметничко студио „Сокол Арт“ –неговото отворено ателје во кое генерации млади уметници созреаа под негово менторство. Автор е на бројни театарски сценографии, плакати на сите културни манифестации во градот , илустрации на корици на книги  и музички манифестации, а ќе се памети по неповторливите карневалски поставки и сценографии на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“. Беше организатор на на меѓународни ликовни колонии и еден од основачите на Здружението за алтернативна култура „Сокол Арт“ кое по трет пат на денот на неговото раѓање се поклонува пред неговото огромно уметничко дело славејќи го својот соработник и соборец во кавадаречкото културно и урбано секојдневие.

Вечерва во галеријата во Домот на културата ќе бидат изложени негови дела, за неговото творештво ќе проговорат неговите најблиски соработници и пријатели кои подготвија видео презентација и фото материјал. Во музичкиот дел учествуваат рок бендот „Bad-Ass-All“ и „Трио Гранде“, а целиот настан ќе биде заокружен со изложба на уметнички фотграфии на Билјана Соколова Тодоровска.

Ми.М.