Македонскиот архитект, Вангел Божиновски одржа предавање во конференциската соба на хотелот „Опера хаус“ под наслов „Куќата на Адам во рајот“ при што публиката доби несекојдневна можност да се соочи со историски факти што говорат за постоење на македонската архитектура, и воопшто, на културата пред 19-тиот век. Тој век, според Божиновски, неправедно се смета дека го означува периодот на појава на македонската архитектура.

Архитектот во своето предавање го потенцираше несоодветното претставување на македонската историја на архитектурата во наши и светски книги и енциклопедии, со исклучиво претставување на периодот од споменатиот век и периодот по скопскиот земјотрес во 1963-тата година.

– Македонскиот 19 век во нашиот образовен систем е прикажан како единствен препород во којшто се` што денес во Македонија се случува, почнува таму. Основната работа што се предава на Архитектонскиот факултет, соодветниот предмет не носи наслов „Македонски 19-ти век“, туку „Историја на архитектура“. За историја на македонската архитектура на младиот градител, му поставуваат еден систем дека кај нас архитектурата започнува во 19 век, а тоа што е пред тој век дека не припаѓа на оваа нација, на оваа култура. Пример за тоа е анонимната архитектура и куќата од 19-ти век. Кога ќе го сместите тоа во другите предавања поврзани со историјата на архитектурата, забележувате дека другите имаат некаков континуитет кој оди далеку подлабоко од тоа што вие овде го имате и вие сте ставени во една ситуација да видите дека сте потполно нова култура на која и` се потребни повеќе од 4000 години за да започне со архитектура, рече меѓудругото Божиновски.

Во текот на предавањето беа прикажани факти кои, како што напомена познатиот архитект ја потврдуваат уникатноста на архитектурата на овие простори уште од палеолитот и неолитот, факти кои говорат за филозофската, религиозната и практичната причина за формата во која биле градени тогашните куќи.

И.Б.Р