Британскиот музеј во Лондон, кој повторно беше отворен за јавноста на 27 август, додаде 103 неодамна откриени цртежи на јапонскиот сликар и графичар Катсушика Хокусаи во својата колекција. Делата, кои се појавија првпат од 1948 година во Париз минатата година, биле создадени во 1829 година за необјавена книга со наслов „Големата сликовница на сè“.
Делата од мали размери претходно биле во сопственост на златарот Анри Вевер, а музејот во соопштението објави дека тие биле чувани во приватна колекција во Франција пред нивното повторно појавување во 2019 година во аукциската куќа „Пјаса“ во Париз. Британскиот музеј ги откупи делата со грант од националниот фонд за уметност во Велика Британија.
Иако во моментов тие не се изложени во Британскиот музеј, делата од аквизицијата може да се прегледаат на веб-страницата на институцијата. Музејот планира да ги прикаже цртежите, кои прикажуваат детални сцени од историјата, митологијата, литературата, религијата и природниот свет, на претстојната бесплатна изложба. Со оваа аквизиција вкупниот број на дела од Хокусаи во сопственост на музејот се искачи на над 1.000.
Хартвиг Фишер, директор на Британскиот музеј, во изјавата рече дека набавката претставува „уште една пресвртница во нивното собирање на Хокусаи, која трае повеќе од 150 години“.
– Овие дела се големо ново откритие, проширувајќи го значително нашето знаење за активностите на уметникот во клучниот период од неговиот живот и дело. Сите 103 парчиња се третирани со вообичаената фантазија, изум и вештината со четката што се препознаваат во доцните дела на Хокусаи и прекрасно е што конечно може да бидат погледнати од љубители на неговата уметност низ светот – вели Тим Кларк, почесен соработник во истражувањето.