Центарот за култура – Битола годинава одбележува 39 години од своето формирање. По тој повод овој храм на културата во Битола подготви богато културно мени.
– Кај нас културата се создава и се претставува. Нашиот простор живее секој ден и
така е 365 денови во годината. Но, овој октомври славиме 39 години од битолскиот храм на културата, така што месецот има 31 ден, но ние ќе имаме 39 настани посветени на нашиот роденден – изјави директорката на НУ Центар за култура од Битола, Маја Андоновска-Илијевски по повод големиот јубилеј, кој му претходи на годината кога оваа институција ќе слави 40 години постоење.
Овие 39 настани се спакувани во програма која е наречена „Културно мени“. Во него
за љубителите на културата во Битола се предвидени голем број театарски претстави,
изложби, концерти, промоции на книги и кино проекции.
Ќе гостуваат „Театар Комедија“ од Скопје и Неда Арнериќ и Феѓа Стојановиќ од
Белград во тетатарската програма. За детската театарска публика во програмата е Интернационалниот детски фестивал „Битолино” со девет настани и шест тетатарски
претстави. Во низата театарски престави е и новиот театарски проект на независниот
Театар Дел Арте. Филмската програма е исклучително богата, во која освен блокбастерите, кои ги планираат за овој октомври, ќе понуди и неколку проекции на европски филмови кои имаат посебно значење за оваа институција, а ќе има и недела посветена на иранскиот филм.
Особено интересен е Детскиот филмски фестивал под името „Мала школа за краток филм” за најмладата публика како дисперзирана програма на филмскиот фестивал во Нанси, Франција. На големо се најавува и проекцијата на филмот „Враќањето на Бувие” на Јордан Плевнеш кој ќе се реализира во соработка со Францускиот институт од Скопје и Француската Алијанса од Битола. Три изложби се посочени во култрното мени, најавен е и големиот концерт на Националниот ансамбл Танец, како и еден концерт на класична музика на гитаристот Марко Цветковски. Во овој роденденски календар е ставена промоцијата на книгата „Кларинетот и кларинетистите во сериозната музика” чиј автор е познатиот битолски музичар Благојче Трајковски.
Овој интензивен месец со настани во Центарот за култура е одлична најава за богата
есенска програма која ќе биде одличен вовед за Фестивалот на музика од светот, кој од 15 до 17 ноември ќе се одржи по 11-ти пат, а наскоро и најава за програмата поврзана со овој интересен фестивал, на кој во план се гостувања на две исклучителни музички ѕвезди, еден бенд составен од врвни музичари од нашата земја, како и Камерниот оркестар од Битола, беше посочено денеска во Центарот за култура во Битола. М.М.