Актерската екипа од општински народен театар „Невена Коканова“ од Дупница, Бугарија, со претставата „Хотел меѓу овој и оној свет“, беше изведена пред кривопаланечката публика во преполната сала на Центарот за култура. Претставата на Ерик Емануел Шмит, во режија на Валентин Балабанов, беше изведена на втората фестивалска вечер.
– Програмата е богата и разновидна. Покрај седумте претстави на театри од Македонија, Србија, Бугарија и Хрватска, вклучува и повеќе промоции на книги со театарски жанр, како и изложби на фотографии со сценски мотиви, изложба на театарски плакат и промоција на млади надежни актери – велат организаторите.
На првиот ден од фестивалот беше промовирана книгата „Театарски сновиденија“ – театарски критики во стих од Тодор Кузманов. Вечерта се одржа ретроспективна изложба на театарска фотографија и плакат од Стојанче Величковски. На првата фестивалска вечер настапи „Театар комедија“ од Скопје, со претставата „Жена ми се вика Борис“.
На фестивалот во Градскиот музеј е отворена изложба на фотографии на примабалерината Зорица Пуровска-Велевска, насловена „Божја искра“, а ќе биде изведена и претставата „Примадони“ на „Југоарт-продукција“ од Белград.
Денеска од 12.30 часот во Градскиот музеј ќе биде промовирана книгата „Крилести одаи“ на Јоана Шишкова, а вечерта ќе настапи градскиот театар „Јоза Ивакиќ“ од Винковци, Хрватска, со претставата „Три трети тримесечја“. До крајот на фестивалот ќе бидат изведени и претставите: „Лет над кукавичиното гнездо“ на Драмскиот театар-Скопје; „Херој на нацијата“ на народниот театар „Стерија“ од Вршац, Србија; „Секс-бомба“ на агенцијата „Призор плус“ од Белград, Србија; „Да ја убиеме бабата“ на театарот „Солзи и смеа“ од Софија; а фестивалот ќе заврши со настап на младите кривопаланечки актерски таленти од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, со претставата „Јас повеќе не судам, тие ми пресудија мене“, во режија на професорките по македонски јазик Зорица Давитковска, Елена Јакимовска и Даниела Стојмировска.
Ќе биде промовирана и збирка од три драмски текста „Со вкус на овошен сладолед“ од Трајче Кацаров.