Во времето на ЈНА, во него не можело тукутака да се влезe, влезот бил дозволен само за генерали, офицери и за видни граѓани. Во него престојувале многу познати личности, помеѓу кои Јосип Броз Тито, Анатолиј Карпов, Сулејман Демирел, најмладиот премиер на Турција
Офицерскиот дом во Битола, наречен уште и битолски Версај, граден во времето на Абдул Керим-паша на почетокот на 20 век, неодамна по многу години го доби својот некогашен лик со последната реставрација. Реставрирани се фасадата, внатрешноста, концертната сала… Иако фасадата беше реновирана уште претходно, објектот сѐ досега не беше ставен во функција. Беше употребен за снимање во неколку филма, во внатрешноста и дворот беа организирани различни манифестации, но никогаш не се најде трајно и одржливо решение, така што последните десетина години Офицерскиот дом ги помина запуштен и руиниран.
Лани, Општина Битола со помош од ЕУ и од Светската банка, конечно го започна процесот на комплетна реставрација. Локалната самоуправа ветува дека ова ќе биде дом на уметноста, во него ќе има низа културни настани, ќе биде отворен за настани на невладини организации, на бизнис-заедницата, но и за музејски поставки што ќе бидат флексибилни, зашто градот изобилува со археолошки наоди што се наоѓаат во подрумските простории на битолскиот музеј што ни битолчани ги немаат видено.
Луксузниот лустер бил донесен од скопскиот Офицерски дом
Изградбата на Домот на армијата или Офицерскиот дом започнала во почетокот на 20 век и се верува дека проектот бил дело на архитекти од Австрија и од Италија, а на изградбата работеле локални мајстори. Всушност, и архитектите и оние што со љубов го замислиле овој објект оставиле во него и во неговото оживување верба во средбата на Истокот и Западот. Објектот е синтеза на повеќе стилови и хармонично спојување елементи и симболи пренесени од Истокот и од Зaпадот. Започнат да се гради за потребите на турските офицери, не успеал да биде завршен во нивното време.
Концептот за овој објект бил замислен како синтеза на тврдина и палата. Тврдината може да се забележи во композицијата на објектот, преку појава на кули и декоративни топови, додека палатата се забележува во нејзината грандиозност и елеганција преку високите плафони и прозорски отвори. Набрзо по почетокот на градбата, Битола ја зафатиле Балканските војни и Првата светска војна, со што биле запрени сите активности и објектот претрпел извесни оштетувања. Бил довршен по завршувањето на Првата светска војна и ѝ служел на елитата на повеќе војски, како палата за свечени приеми, за балови, за забава, за кинопроекции и сл. Карактеристично за ентериерот на овој објект е дека во 1970-тите години се пренесени остатоците на двата лустера од Офицерскиот дом во Скопје. Од нив бил создаден еден лустер.
Сега е набавен лустер сличен на балскиот, кој пред неколку години кога објектот беше оставен без грижа падна и се уништи, поставени се и десетици светлечки тела од кристал со 200 светилки што ја осветлуваат внатрешноста на објектот. Долната сала е поплочена со мермер, обновени се витражите на прозорците и вратите, поставен е автентичен паркет изработен како стариот, со техника на интарзија во концертната сала и друго.
Во времето на ЈНА, во него не можело тукутака да се влезe, влезот бил дозволен само за генерали, офицери и за видни граѓани. Во него престојувале многу познати личности, помеѓу кои Јосип Броз Тито, Анатолиј Карпов, Сулејман Демирел, најмладиот премиер на Турција.
Абдул Керим-паша – татко на тогашна перспективна Битола
На порталот за македонска архитектура МАРХ се поместени детали за Офицерскиот дом, а материјалот е приложен и обработен од Моника Крстевска и од Филип Конески. Според овие податоци, почетокот на градежните активности бил во 1912 година на денешната локација на Широк сокак, во Битола. Според некои усни кажувања, зградата била дело на двајца архитекти од Виена, Австрија и од Италија. На неа работеле мајстори од селото Смилево. Се споменува дека со градбата раководел познатиот украински архитект Валери Гусин, најверојатно, белогардиец пребеган на наши простори. Објектот почнал да се гради за потребите на турските офицери, но не успеал да биде завршен во нивното време.
– Организацијата на фасадата е според правилото на вертикална симетрија, расчленета со хоризонтални декоративни делби. Објектот насетува влијание од маварскиот стил, кој во периодот на 19 век најпрво влегува како влијание во Босна и Херцеговина. Појавата на овој историцизам е реален во поглед на естетиката што е поблиска до турското население и муслиманската архитектура на арапскиот свет. Тоа се појавите на потковичестите, т.н. сараценски лаци, сликовитост на фасадата и обилната пластична декоративност. Сепак не може да се изостави познавањето на академизмот и класицизмот, според неговата потреба за апсолутна ориентација. Објектот е подигнат на цокле, со што се овозможува елегантно скалишно пристапување кон градината, но и осветлување на подрумските простори. Зградата е поставена во правец запад – исток, со димензии од 37,2 метри со 17,9 метри. Висината на венецот е 13,9 метри, а до самиот покрив 17,3 метри – стои на порталот.
Во 2017 година, во паркот на Офицерскиот дом во Битола се одржа отворена дискусија на темата „Каков Офицерски ни треба?“, во рамките на АКТО-фестивалот за современи уметности. Целта на дискусијата беше да се отвори прашањето за потребата од заштита и ревитализација на Офицерскиот дом, како значајно културно наследство на градот Битола.
– Офицерскиот дом е редок пример на архитектурата, со голема и одмерена архитектонска естетика, која покрај генералните стилски карактеристики, носи и печат на оригиналност и неповторливост. Карактеристични се еркерните балкони, покривната стреа и надвишувањето на четирите кули. Ктиторот на Офицерскиот дом, валијата Абдул Керим-паша бил вистински татко на тогаш перспективната Битола, бидејќи покрај Офицерскиот дом, ја иницирал изградбата на дела за кои битолчани сѐ уште зборуваат со пиетет. Имено, го регулирал коритото на брзата планинска река Драгор, ги уредил приодите на градот, поставил канализација, имал и смелост во градскиот центар, прекуноќ, да го подигне Народниот театар. Започнал да го уредува излетничкото место Тумбе Кафе, ги поставил основите за денешниот парк и шеталиштето, насадил дрвореди, изградил болница за сиромашни, дом за сираци, хотел, кожарница, уредил и опремил библиотеки – беше кажано на дискусијата.