Вечерва на големата сцена на Народниот театар во Велес ќе гостува балетот „Либертанго“ на Астор Пјацола, а во изведба на ансамблот на МОБ. Кореографијата е на Сабрина Боско од Италија, режисерка е Наташа Поплавска, а сценографијата и костимографијата на Александар Ношпал. Организатор е општината Велес, во соработка со Македонската опера и балет и народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Ќе настапат 40 балетски уметници, меѓу кои првенците на балетот: Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили од Грузија, како и истакнатите солисти Мими Поп Алексова-Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Ендру Кук од Англија, Јан Кисилев, Мирослав Митрашиновиќ, Марко Здравковски, Драган Кочоски и целиот балетски ансамбл на Македонската опера и балет.
– Поради ограничениот број на седишта, би сакал да ги известам граѓаните дека места ќе има за 350 гледачи по принципот „прв дојден – прв услужен“. Апелирам до сите заинтересирани граѓани да дојдат навреме за да си обезбедат место – рече градоначалникот Аце Коцевски.