Хенрик Ибзен (1826-1906) ја напишал драмата „Пер Гинт“ во 1867 година. Таа е приказна за падот, а потоа и за искупувањето на норвешкиот селанец и антихерој. За разлика од претходните Ибзенови драми, напишана е во стихови и првобитно не била наменета за сценска изведба. Но, Ибзен се досетил како да ја оживее и популаризира драмата и да ѝ даде нова димензија – решил да ја облагороди со музика (честопати музиката е клучниот зачин, состојката што е неопходна за доживувањето да биде целосно и заокружено). Затоа го повикал својот пријател Едвард Григ (1843-1907) и нему му ја доверил задачата да напише музика за оваа драма.
Григ отпрвин бил воодушевен од честа што му била доверена, со восхит се вдал во осмислување и пишување на музиката. Арно ама, занесот брзо му спласнал, се нашол сред предизвик на кој било тешко да одговори, се заплеткал во стиховите на Ибзен и во сопствените мисли и мелодии, кои му пловеле низ главата. „Сѐ во мене е како ноќна мора“, напишал композиторот во едно писмо. Но колку повеќе навлегувал во работата, колку повеќе го напојувал својот ум со мислата на Ибзен, толку повеќе идеи му надоаѓале и конечно сфатил дека тој е единствениот човек, кој може низ музика да го оживее норвешкиот дух што провејува низ драмата. Но делото што го напишал Григ, било оркестарска свита базирана врз стиховите на „Пер Гинт“, а не опера или музичка драма како што, можеби, Ибзен посакувал или замислил да биде.
Праизведбата се одржала на 24 февруари 1875 година во Осло, под диригентската палка на Григ. Успехот бил неминовен, публиката ја доживеала како своја музиката на Григ, критичарите со наклоност ги пишувале своите рецензии. Но самиот Григ не бил сосема задоволен, па неколкупати потоа ја преправал свитата, додавал, одземал, преработувал… Затоа денес постојат три оркестарски свити и едно музичко-сценско дело со солисти, хор и оркестар (објавено постхумно во 1908 година), кое исклучително ретко се изведува.
Најсветлата точка на Григовиот „Пер Гинт“ за мене е „Танцот на Анитра“. Напишан е според слика од четвртиот чин на драмата, во која Пер Гинт, на северниот брег на Африка, во врелината на пустината, се среќава со група бедуини. Меѓу нив е и Анитра, ќерката на водачот на бедуините, која со својот сензуален и заносен танц го восхитува главниот јунак.
Лада Шоптрајанова Петровска