Во новооснованата Регионална унија на театри (РУТА), која ги собира театрите од главните градови на некогашните југословенски републики, е вклучена и Македонија, а на неодамнешниот прв фестивал на унијата се одигра претставата „Кралот Иби“ на Алфред Жари, во режија на Васил Христов и продукција на Драмскиот театар од Скопје
Новооснованата Регионална унија на театри (РУТА), која ги собира театрите од главните градови на некогашните југословенски републики, на први декември во Белградскиот драмски театар го отвори својот прв фестивал, чиј почеток го обележа емотивниот говор на словенечкиот продуцент Јуре Франко, некогашен југословенски шампион во скијање.
Во пресрет на премиерата на претставата на Белградскиот драмски театар, „Лилија“, која ја режираше Ана Томовиќ според истоимената драма на унгарскиот автор Ференц Молнар, Франко потсети на значењето на некогашниот заеднички културен простор, кој на 6 декември заживеа и низ претставите: „Бакхи“ на Еврипид во режија на Ленка Удовички, во продукција на театарот „Улис“ (Бриони/Загреб), „Дон Кихот“ според мотиви на Сервантес, во режија на Андраш Урбан во изведба на Градскиот театар од Подгорица, „Мирна Босна“ на Борис Лалиќ во режија на Саша Пешевски и продукција на камерниот театар „55“ од Сараево и „Плах удах“ на писателот и режисер Нејц Газвода, во продукција на „Местно гледалишче“ од Љубљана.
Во унијата е вклучена и Македонија, а на фестивалот се одигра претставата „Кралот Иби“ на Алфред Жари, во режија на Васил Христов и продукција на Драмскиот театар од Скопје. Режисерот за текстот, напишан пред 122 години, вели дека се третира како првата модерна авангардна драма во театарската продукција и е еден од првите три стилизирани бурлески, каде што Жари ги исмева и ги покажува аномалиите на модерното време.
Истакнувајќи дека знае точно на кој јазик зборува, Франко на отворањето на фестивалот се претстави како Словенец, кој во основно училиште учел македонски, а „повторно се родил“ во Сараево во 1984 година, кога на Олимпијадата го освоил сребрениот медал. Од џебот притоа извади молив од Олимпискиот комитет на Србија, како и карирано црвено-бело марамче како хрватското знаме. По 25 година, во кои живеел во Јапонија, Америка и други земји, кога се вратил во Словенија, како што рече, најмногу го здоболело тоа што одеднаш морал да го употребува пасошот за да ги посети пријателите во Хрватска, Србија, во Сараево… сите оние што некогаш биле дел од иста држава.
– Па добро, сѐ се менува. Како светски човек, ги доживувам луѓето како братство, но се прашувам дали повеќе се чувствувам како брат со еден Италијанец, Германец, Унгарец… Мојот глас е јасен и искрен. Моите најблиски браќа се уште тука на територијата на поранешна Југославија – рече Франко, инаку продуцент на популарниот мјузикл „Мама миа“ во регионот на поранешната држава.
Според слободата на границите, како што наведе, му недостигаат заедничкиот спорт и заедничката култура.
– Замислете каква спортска репрезентација би можеле да создадеме со сите наши спортисти, европски, светски, олимписки прваци. За жал, тоа во спортот не е можно, ама верувам дека во културата е. Вие сте доказ – тоа што го правите во РУТА е многу значаен почеток, голем чекор напред, но ќе треба многу многу поддршка – им рече Франко на основачите на оваа регионална театарска мрежа, која ја иницира директорот на БДП, Југ Радивојевиќ, а официјално е основана кон средината на октомври во Белград.
Наведувајќи дека како продуцент ги разбира и ги цени огромната верба, ентузијазмот и работата што се вложени во овој проект, Франко рече дека кога влегол во продукцијата на мјузиклот „Мама миа“, пред шест години, сакал да направи една верзија на овој мјузикл за целиот регион, но не успеал. Затоа направил локална продукција и копродукција во Белград, Љубљана, Загреб и Скопје, а в година ќе има и во Сараево.
– Вие направивте најзначаен прескок на границите, кои всушност се само во нашите глави. Верувам дека на сите им е јасно дека заедно сме многу посилни. Верувам дека може да се направи заедничка продукција што може да се продава во светот како наша автентична приказна. Нека целите ви бидат високи и визионерски за нешто такво да се оствари, па и на „Вест Енд“ и „Бродвеј“ – порача поранешната скијачка легенда што остана запаметена и по своевременото скандирање на обожавателите во Сараево: „Го сакаме Јуре, повеќе од бурек!“.
РУТА ќе поттикне и копродукции, размена на творци и други видови соработка за поврзување и промоција на сите членки на Унијата од регионот. Фестивали со ревијален карактер, на кои секој театар ќе изведе претстава по сопствен избор, ќе се организираат наредната година во сите земји – во март во Подгорица, април во Љубљана, мај во Сараево, јули на Бриони и во октомври во Скопје.
„Кралот Иби“ на Васил Христов на фестивалот на РУТА
На фестивалот се одигра претставата „Кралот Иби“ на Алфред Жари, во режија на Васил Христов и продукција на Драмскиот театар од Скопје. Основата на „Кралот Иби“ е „Магбет“ од Шекспир, а во претставата се користени делови и од „Хамлет“, „Кралот Лир“ и „Ричард Трети“. Според неговите зборови, „Кралот Иби“ не е претстава што нуди забава, туку е за публика што сака да види нешто ново и поинакво и предизвикува естетско задоволство. Главниот лик го игра Игор Ангелов, а во екипата се и Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Софија Куновска, Предраг Павловски, Јана Стојановска, Долорес Поповиќ, Катерина Шехтанска-Лаковски, Маја Вељковиќ-Пановска, Емилија Мицевска, Тамара Ристовска и Игор Георгиев. Сценографијата е на Тодор Даевски и на Христов, а костимите на Розе Трајчевска-Ристовска.