Агенцијата за филм, од средствата од годишниот буџет, пристапи кон исплаќање на веќе започнатите филмски проекти кои се во поодмината фаза на реализација, односно оние кои се завршени или се пред завршување.
Спроведувајќи ја оваа мерка, од Агенцијата информираат дека во изминативе два работни дена се исплатени вкупно 27 филмски проекти. Исплаќањето е извршено во договор со претседателот на Друштвото на филмските работници, Игор Иванов, а по средба со министерот за култура, Хусни Исмаили.
– Поради светската пандемија предизвикана од коронавирусот откажани се сите филмски снимања, а воедно се откажани и сите копродукции кои беа планирани, како и Канскиот фестивал. Стопирањето на сите активности во филмската сфера ја доведуваат под голем знак прашалник финансиската состојба на независните филмски работници, како категорија на граѓани кои немаат постојано вработување и се директно зависни од од активностите на независните продуценти чии проекти се финансирани од страна на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Во таа насока за понатамошна помош формирана е комисија од ДФРМ и Агенцијата за филм која ќе работи на изнаоѓање правна рамка и разгледување на барањата и можноста за директен надоместок на филмските работници – велат од Агенцијата за филм.
Оттука додаваат дека ова е само прва итна мерка, а во зависност од времетраењето на оваа голема криза Агенцијата за филм во соработка со ДФРМ, со сите свои сили ќе работи на изнаоѓање и на други мерки со кои ќе им се овозможи директна материјална помош на филмските работници.