Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ ги соопшти добитниците на меѓународната награда „Гоцева мисла“ за 2026 година, која традиционално се доделува во пресрет на 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев, и на неговата знаменита мисла: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Наградата „Гоцева мисла“ е високо признание што им се доделува на личности што со својот творечки, културен и интелектуален ангажман значајно придонесуваат за афирмацијата на македонската култура, литература и духовни вредности во меѓународни рамки, како и за унапредување на културниот дијалог меѓу народите. Добитници за 2026 година се Зорица Митровиќ од Белград (Србија) и Петре Димовски од Битола (Македонија).
На Зорица Митровиќ ѝ се доделува наградата за личниот придонес и животното дело во афирмацијата на македонската култура и идентитет во дијаспората. Поточно, наградата „Гоцева мисла“ ѝ се доделува за нејзиниот исклучителен личен придонес и животно дело во афирмацијата, зачувувањето и развојот на македонската култура, јазик и национален идентитет во Србија. Како претседателка на здружението на Македонците „Македониум“ од Белград, Митровиќ одигра клучна улога во градењето на здружението како современа и активна културна платформа, која покрај организацијата на традиционални манифестации, реализација на литературни, музички и уметнички проекти, активно придонесува за креативниот развој и меѓукултурната соработка меѓу културните чинители и институции во регионален и меѓународен контекст. Надвор од институционалното раководство, нејзиниот личен ангажман и визија се одликуваат со доследност, организираност и поширок општествен одзив, а нејзиното дејствување е пример за постојана посветеност на културното јадро на македонската заедница во дијаспората. Нејзиниот ангажман претставува редок пример на долгорочна, систематска и визионерска работа во полза на македонската заедница, но и на поширокото мултикултурно и мултијазично општество.
На Петре Димовски му се доделува наградата за исклучителното книжевно творештво и животното дело во македонската литература. Поточно, наградата „Гоцева мисла“ му се доделува за неговиот исклучителен и долгорочен придонес во развојот на македонската книжевност, како и за богатото и жанровски разновидно творештво, кое остава трајна трага во македонската културна историја. Тој е автор на повеќе од педесет дела – меѓу кои 21 роман, 17 збирки раскази и седум драмски и монодрамски дела. Димовски со својот книжевен стил, тематска длабочина и континуирана творечка енергија го збогатува македонскиот книжевен канон. Неговата книжевна продукција е предмет на анализи, студии и обработки, а тој е овенчан со голем број награди и признанија, меѓу кои се: „Стале Попов“, „Ванчо Николески“, „4 Ноември“, „Прозни мајстори“, „Живко Чинго“, „Тренд“, „Вермилион“, „Крсте Чачански“ и други. Наедно, значаен е неговиот културен придонес како основач, уредник и организатор на книжевни иницијативи во Битола и во поширокиот регион.
































