Книжевна вечер за Шопов и во Друштвото на словенечките писатели
„Златен круг на времето“ продолжува да ѝ го привлекува интересот на словенечката културна јавност. Обемниот избор од поетското творештво на Ацо Шопов што неодамна беше објавен во Словенија и што веќе беше промовиран во Љубљана беше повод и за книжевна вечер посветена на македонскиот класик и на фондацијата „Ацо Шопов – поезија“ во Друштвото на словенечките писатели. Како што беше посочено на настанот, по објавувањето на вакво значајно издание, ова е и долг кон Шопов затоа што тој, преку книжевниот превод, е најзаслужниот од првата генерација македонски повоени писатели за афирмација на словенечката книжевност во Македонија, но и македонски поет за чие творештво има исклучително голем интерес во словенечката културна средина веќе со децении.
– Организацијата на собирот инициран од Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана беше и во содејство со Друштвото на словенечките книжевни преведувачи, што го чува споменот за Шопов не само како поет туку и како еден од најголемите не само македонски туку и југословенски книжевни преведувачи – прв од поранешната Југославија што ја има добиено највисоката државна награда за превод, и тоа за Шекспировиот „Хамлет“, за што во 1970 година словенечките медиуми известуваат како голема гордост за Македонија – велат од фондацијата „Ацо Шопов – поезија“
Дел од најзначајните словенечки писатели, универзитетски професори по книжевност и по лингвистика, книжевни преведувачи и музичари ја исполнија со убава енергија салата на Друштвото на словенечките писатели на собирот одржан во понеделникот, по повод објавувањето на „Златен круг на времето“ – издание што го претставува и дијалогот на книжевноста со ликовната уметност преку делата на академскиот сликар Боге Димовски.
Притоа се забележа колку поезијата на Шопов и преку преводот на словенечки јазик е инспирација и поттик за дијалогот со другите уметности – на собирот, антологиската позната „Очи“ на Шопов, во препев на словенечкиот поет и преведувач Иван Минати, доживеа и музичка изведба од словенечкиот поет, писател, музичар и публицист Матеј Крајнц. Шопов важи за еден од македонските книжевници чие творештво веќе со децении е инспирација за другите форми на уметнички израз, првенствено за ликовната и за музичката уметност, но се потврдува дека тој дијалог продолжува и преку новите генерации и нема само национален туку и меѓународен карактер, преку препевот на антологиското творештво на Шопов.
Во централниот дел на собирот се одржа разговор меѓу универзитетската професорка, раководителка на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет во Љубљана, Намита Субиото, која е и еден од словенечките препејувачи на поезијата на Шопов и иницијатор за објавувањето на обемниот двојазичен избор, и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, кој во Љубљана престојуваше како претставник на фондацијата „Ацо Шопов – поезија“ во својство на нејзин прв стипендист докторанд.
– Во разговорот, покрај тоа што се опфати историската димензија на значењето на творештвото на Шопов, колку за македонската толку и за јужнословенската книжевна стварност, се отворија и прашања за предизвиците при препејувањето на песните од Шопов, при што во дискусијата се вклучи и Роли Грау, кој заедно со Кристина Крамер го подготви и препеа обемниот двојазичен (македонски-англиски) избор објавен минатата година во САД под наслов „Долго доаѓање на огнот“. Не остана незабележан пиететот што го изразија кон Шопов потомците на неговите најстари препејувачи, кои беа присутни на настаните во Љубљана. Од петтемина поети што во минатото го препејувале Шопов, тројца беа претставени од нивните деца: Матеј Минати, Жига Шмит, Цвето Шали и сестра му Мојца Папич. На собирот во Друштвото на словенечките писатели, за Шопов се говореше и како за обединувач на енергиите, имајќи предвид дека и преку изданието на „Златен круг на времето“ се обединија силите на повеќемина ентузијасти што работејќи без надоместок или финансиски поддржувајќи го изданието овозможија по половина век, дел од творештвото на Шопов, преку ново издание, да биде подостапно за словенечката читателска публика, при што веќе се случуваат и првите критички одгласи за изданието – велат од фондацијата.
Во Друштвото на словенечките писатели стана збор и за мисијата и целите на фондацијата „Ацо Шопов – поезија“ и за можностите за натамошно содејствување, не само во афирмацијата на делото на Шопов туку и воопшто на вредностите што ја дефинираат естетската вертикала на македонската поезија, го поттикнуваат дијалогот со другите уметности и се поддршка за младите творци и истражувачи. Во рамките на соработката со словенечките институции, до крајот на годината се очекуваат уште неколку настани што ќе ги зајакнат македонско-словенечките книжевни и културни врски. В.Д.