Фото: Приватна архива
САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА НА УМЕТНЦИЦАТА АЛЕКСАНДРА АЦЕСКА

Утре од 18 часот во Мобилната/монтажна галерија во паркот на франкофонијата во Скопје, ќе биде отворена самостојната изложба „Flow” („Пловидба“) на македонската уметница Александара Ацеска, која живее во Кина.

Таа ќе се претстави со дигитални графики, суминагаши печати, цртеж/инсталација и уметничка книга. Посетителите на отворањето на изложбата ќе можат да проследат разговор меѓу Ацеска, Филип Димкоски и Иван Ивановски преку кој соговорниците ќе се обидат да го доближат уметничкиот свет на Ацеска и јасно да ги испратат пораките од изложбата.

Уметничката книга која ќе биде претставена во рамки на изложбата е инспирирана од пет женски приказни при што петтата е лична приказна на уметницата Ацеска. Станува збор за животни патешествија на нејзини пријателки кои прстот на судбината ги споил токму во Кина.

Според Ацеска, нејзиниот проект „Пловење“ го истражува патот на животот преку водата.

– „Пловење“ ја следи филозофијата дека животот, како водата, е постојана промена, ги поврзува источните традиции и современата уметност. Тоа е потсетник дека отпорноста, радоста и рамнотежата не се дестинации – туку текови низ кои учиме да пловиме – вели Ацеска.

Центарот за современи ликовни уметности од Скопје изложбата ја реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и Општина Центар. Изложбата ќе биде отворена една седмица.