„Живи рани, мелем песни“ е прва поетска книга на Габриела Стојаноска, иако е шесто по ред нејзино дело, по претходно објавените три збирки раскази „Гола“ (2007), „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ (2019), „Сега би пишувала за…“ (2022), драмите „Трудници/Тајни“, како и научната студија „Кусиот расказ и сонот“ (2018).
Габриела Стојаноска е авторка од Прилеп, членка на Друштвото на писателите на Македонија и наставничка по македонски јазик.
Филозофот, есеист, рецензент и наставник по граѓанско образование, прилепчанецот Љупчо Михајлоски ќе забележи дека поезијата на Габриела Стојаноска е длабоко интимна.
– Може да се чита како исповед или како духовен дневник на една жена што поминала низ возвишените, но и низ земните искуства на човечкото доживување. (…) Во збирката „Живи рани, мелем песни“ се отвораат четири поетски циклуси и секој циклус носи своја енергија, тон и длабочина, но сите заедно се надоврзуваат во еден заокружен женски универзум во кој љубовта, болката, телото, сеќавањето и зборот се неразделни. (…) Стојаноска не бега од сликите на физичкото, од крвта, од раната, од стравот – тие стануваат симболи на љубовта и продолжувањето. Песните се телесни, но и спиритуални, а секој стих е како допир меѓу земјата и небото (…) извонреден пример на феминистички дискурс на телото, кој не се плаши да зборува за крвта, матката, раѓањето и загубата – не како табуа, туку како извори на моќ и спознавање – вели Михајлоски.
Во поговорот на книгата писателката Сузана Ѓорѓиевска забележува дека „Живи рани, мелем песни“ е отворање двери.
– За поетскиот ракопис „Живи рани, мелем песни“ на Габриела Стојаноска, кој на јарка виделина вади моќен ткаеж емоции, сефте ќе речам оти е отворање двери, двери низ кои леко е влегувањето, трудно е излегувањето. За едно вакво стихотворење, за еден ’рвеник на реч интимна, соголена, реч – везилка на мајковинското, реч – младешка, уште ќе речам дека е вично кревање кепенци, ширно отворање капаци за да се фрли опул внатре, во излогот на душата, да се фати ритамот на трембетот, на дамарите низ кои тупотат изгори и пламтежи, рими и метафори, љубови – потенцира Ѓорѓиевска.
Авторката Стојаноска посочува дека збирката содржи и најнови песни создадени ова лето две илјади дваесет и петто, но и постари песни необјавени, сѐ до раните „Младешки“.
– Збирката опфаќа триесетина години поетско следење на ритамот на моите животни искуства и промените што мојот светоглед ги доживеа низ различните фази од мојот личносен развој. Збиркава е поетски кардиограм, стиховни белешки во кои се збрани отчукувањата и трепетите на моето битие по разни поводи и „без поводи“, од едноставен восхит пред убавината на денот, светот и животот до преболените живи рани, кои во песната го најдоа заздравувањето преку творење ред и убавина од хаосот, преку себеприфаќање со сите страни, преку искреното споделување на најинтимните чувства и поврзувањето со другите. Со некои песни се бидува во непријатното, онаму каде што не одиме често, очи во очи со гревот, стравот или со болката, со други се истагуваат најголемите загуби (смрт на родител и близок роднина, спонтан и индуциран абортус, развод, губење пријател), се исплакнува душата, во трети се слават издржливоста и жилавоста со кои стануваме од падовите, колку и да ги има, и одиме напред, кон своето позрело Сега – вели Стојаноска.
Книгата е издадена со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам. Ка.М.


































