Шесто издание на изложбата „Фемина 8“
Шестото издание на изложбата „Фемина 8“, кураторски проект на Јана Манева-Чупоска во рамките на програмските активности на ДЛУМ, ќе биде отворено вечерва, во 20 часот, во Кинотеката на Македонија. Проектот има цел да обедини повеќе различни ликовни стилови, знаци и пораки. Изложбата „Фемина 8“ веќе има препознатлив ликовен концепт, а досега учествувале над сто македонски и странски ликовни уметници. Препознатлива е по карактерот и ликовниот израз, кој во себе содржи повеќе ликовни медиуми, од класичното штафелајско сликарство до концептуалните формати и новите медиуми.
– Изложбата „Фемина“ е проект во кој се следи жената како субјект/објект и нејзината улога во повеќе сегменти: историски, социолошки, филозофски, религиски и други аспекти и гледишта. „Таа“, според основното етимолошко и граматичко значење, се толкува како лична заменка за трето лице еднина од женски род. Оваа лична заменка се користи да се означи или посочи некоја именка од женски род, која и не мора да е присутна во моментот на зборување. Во ликовен контекст, асоцијативно, од граматичката основа на самиот збор „таа“, но во проширен уметнички контекст на истражување сите овие асоцијации придонесуваат за дефинирање на насловот на видеата. Присвојните заменки се дополнителен истражувачки предизвик во концептот на надополнување на насловот на видеата „Таа“, во комуникација со присвојните заменки: таа, нејзин/нејзина/нејзино/нејзини, неа ја, нејзе ѝ, неа – се наведува во најавата.
Предвидени се 13 проекции на кратки видеоарт-филмови на македонски и странски уметници. Проектот „Фемина“ е дел од годишната програма на ДЛУМ и годинешната програма на „Скопското културно лето“. Кураторка на овој проект е Јана Манева-Чупоска.