Лауреатот се обрати во Струга

Жан Пјер Симеон, добитникот на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, вели дека е почестен што го добива ова почесно признание.
– Сметам дека не живееме на правилен начин. Нашите животи ни се земаат од рака и поезијата е на некој начин нешто што ни кажува на сите нас дека имаме право апсолутно целосно да го живееме својот живот. Не само да постоиме во некакви улоги, да имаме обврски, ниту, пак, да бидеме робови на општествените барања. Мора да се размислува за животот во општеството низ призма на поет, на слободен начин. Целта е секогаш да се слави апсолутноста на животот. Постојат многу начини на кои можеме да го направиме тоа. Љубовта е само еден пример, еден од најдобрите примери – изјави истакнатиот француски поет и драматург.
Тој во Струга зборуваше за важноста на поезијата во нашите животи, заедничките животи во општеството.
– Моето творештво во изминативе години имаше цел на сите да им покаже дека поезијата мора сите да нѐ заинтересира затоа што таа не се состои само од песни. Поезијата е начин на живот, начин на постоење. Начин на живот кон кој сите треба да се стремиме. Кон слободата, братството. Сметам дека тоа треба да ни биде цел на сите нас. Мислам дека овој фестивал е толку добро познат низ целиот свет. Исклучително е важно за сите поети низ целиот свет овој фестивал да постои – рече Жан Пјер Симеон.
Во својот поговор претседателката на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Елизабета Шелева, го нарекува Жан Пјер Симеон комплексна творечка фигура на светската поетска сцена.
– Жан Пјер Симеон е ценет поет, но и автор со широк распон на својот творечки потенцијал, што го прави навистина интригантен и реализиран, во неколку жанровски подрачја. Тој е ценет како поет, признаен и сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист. Поезијата на Симеон зад себе ги има благородниот контекст и закрила на една богата поетска традиција, каква што е француската, која ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на љубовта и убавината – вели Шелева.
Годинашниот лауреат и добитник на „Златниот венец“ традиционално засади и дрво во Паркот на поезијата.

В.Д.


Отворен фестивалот со настап на Дино Имери

Со музичко-поетски перформанс на македонскиот пијанист Дино Имери и традиционалното палење на поетскиот оган свечено се отвори 63. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“ во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Домот на поезијата, во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, владини претставници и љубители на пишаниот збор.
Чествувајќи ја 200-годишнината од кодифицирањето на Брајовото писмо, за првпат титуларната песна на „Струшките вечери на поезијата“, Константиновата „Т’га за југ“, беше прочитана од лицето со оштетен вид Беира Салифоска со помош на Брајовото писмо.
– Со мотото „Допир на убавината“, оваа година оддаваме почит и одбележуваме 200 години од кодифицирањето на Брајовото писмо. Ако постои објективна реалност, каде што убавината се восприема преку очите, тогаш Брајовото писмо е „окото“ за лицата со оштетен вид и слепите лица. Преку неговата релјефност, допирајќи го, тие се допрени од убавината на поезијата. Од врвот на прстите до дното на душата – рече актерката и водителка Софија Насевска-Трифуновска.
Поетски говор одржа македонскиот писател Веле Смилевски, кој посебен акцент стави на годинашниот лауреат, добитник на „Златниот венец“, Жан Пјер Симеон.
– „Струшките вечери на поезијата“ во изминатите децении одиграа значајна улога во одржувањето на чувството за потреба од пораките на поетите од сите меридијани, во мисија за запознавање и зближување на народите, литературите и културите од светот – рече Смилевски.
Манифестацијата официјално ја прогласи за отворена министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој потенцираше дека низ годините дел од фестивалот биле најкултните светски поетски имиња.