Фото :М.Т

Секогаш кога стоев до Јанко на сцената се чувствував гордо и привилиирано, дека ете имам можност да настапувам со голем човек и музичар како него. Ние се запознавме официјално во 1988 година кога станав член на неговата група „Узун“, а потоа по неколку години поминати како соработници, меќу нас се роди љубов, голема, најголема, која трае се уште и ќе трае вечно, вели Жаклина Коловска Узунова

„Јанко Узунов – ТОЈ! сиот беше музика!“ е насловена книгата посветена на познатиот македонски композитор, музичар, пејач, педагог. Јанко Узунов на авторката Валентина Ѓоргиевска Парго, што вчера беше промовирана во Скопје.

На претставувањето на книгата, што се случи токму на роденденот на легендата на македонската музичка сцена, присутвуваа претставници на пишуваните и на електронските медиуми, како и негови блиски, колеги и соработници во текот на долгата и плодна кариера. Освен сопругата Жаклина, тука беше и синот Кирил со сопругата и ќеркичката Јанка, која името го добила по својот дедо, уметничкиот директор на „Гоце Фест“, Пеце Здравковски, музичарот Благој Маротов, светски познатиот хармоникаш Александар Коловски со семејството, поетот Јован Магзански, кој овојпат беше задолжен за техничка и компјутерска обработка на книгата. За дизјанот на корицата се погрижи Ристо Прентоски, а делото го испечати печатницата „Ирис принт“.

Фото :М.Т

Валентина Ѓоргиевска Парго, најпрво се потсети на првите средби со музиката на легендарниот Јанко Узунов (15.02. 1951 г. Валандово – 24.08.2014 г.Берово), чии песни ги знаела уште како дете, бидејќи бил еден од нејзините омилени пејачи. Со неговите плочи првпат се сретнала во Радио Ресен, чиј уредник бил нејзиниот татко, новинарот Ѓорѓи Ѓоргиевски -ЃеЃе, по чии професионални патеки подоцна и самата тргнала.

Никогаш нема да го заборавам неговиот концерт што ми го посвети, насловен „Узун за Вале“. Чудесен подарок од незаборавниот маестро, што и денес ми ја грее душата. За жал набрзо потоа замина во вечноста, а остана неоткриен феноменот Јанко Узунов за пошироката јавност. Се надевам дека оваа книга ќе биде мал чекор во таа насока, рече Валетнина Ѓоргиевска на промоцијата на нејзината книга „Јанко Узунов – ТОЈ! сиот беше музика!“

-Јас како новинар Јанко Узунов го запознав 2010 година, кога како претставник на акцијата „Ден на дрвото“, поканував познати личности, над 100 да бидат дел од неа. Се сетив на него, бидејќи знаев дека освен што е познат пејач и мзуичар е дипломиран агроном, па си реков дека со неговата прекрасна сопругата Жаклина е соодветно да бидат дел од овие активности. Кога му се јавив, веднаш ја прифати понудата да дојде и да засади дрво и на моја голема радост тоа и се случи. Подоцна бев поканета во нивниот дом, и се изненадив од пријатната атмосфера, разговорите, свирењето на гитара и пеењето. Јанко се изнедади како јас ги знам сите негови песни од 1970-те и 1980-те години. Тогаш тој, трогнат, ми ја раскажа својата приказна и кога ја слушнав сфатив за колку значајна личност се работи, но и дека не знам многу нешта за македонската естрада и за состојбите на неа. Сфатив и дека се повлекол не по своја желба. По три години убава дружба, јас пеев на неговиот концерт, а на „Канео фест“ кога победив ме придужуваа две гитаристки од неговата музичка школа „Узун“. Сепак, никогаш нема да го забоаравам неговиот концерт што ми го посвети, насловен „Узун за Вале“. Чудесен подарок од незаборавниот маестро, што и денес ми ја грее душата. За жал набрзо потоа замина во вечноста, а остана неоткриен феноменот Јанко Узунов за пошироката јавност. Се надевам дека оваа книга ќе биде мал чекор во таа насока – рече Валетнина Ѓоргиевска на промоцијата.

Таа на присутните им откри и дека ако нешто треба да се случи ќе се случи, бидејќи книгата се родила со брзина на светлината.

Фото :М.Т

– Кога Жаклина, ме извести дека концерт „Јанко во срце те носиме“, посветен на десетгодишнината од неговата смрт, ќе се одржи на 11 февруари во салата на хуманитарниот дом „Даре Џамбаз“ во Скопје, јас решив најбрзо што можам да напишам книга. На 24 јануари неколку часа разговарав со Жаклина и со синот на Јанко, Кирил, кои споделија со мене дел од своите сеќавања и така книгата почна да ја добива својата физиономија. Подоцна најдов изјави од голем број негови соработници и ученици и на 1 февруари книгата беше предадена во печатница. Би сакала овие 100 страници да бидат иницијатива за подготвување голема моногорафија за Јанко Узунов, за неговите над 500 снимени песни во сите жанрови, за магијата на музиката што ја создаваше во свеото студио, со иновативен пристап кон музиката, за наградите, признанијата, патувањата, за учениците на кои им го пренесе своето знаење – посакува Парго.

Фото: Привватна архива

За Јанко Узунов како соработник и повеќекратен победник на „Гоце фест“, чиј уметнички директор е, говореше и Пеце Здравковски.

– Се познавав со Јанко повеќе од половина век. Уште кога бев играорец во КУД „Гоце Делчев“, тој ни беше чест гостин, на разните манифестации, како „Гоцеви денови“ и „Песна за Гоце“. Паметам кога во 1978 г. Јанко ја основа женската вокална група „Сирма“ со која истата година со девојките за РТВ Белград издадоа ЛП со 12 прекрасни песни, чиј автор беше тој, од кои би ја издвоил „Те сакам песно македонска“. Таа доста се слушаше и се пееше. Потоа тој замина во Вараждин, Хрватска во војска, а кога гостувавме во Хрватска, ние со КУД „Гоце Делчев“ го посетивме , па дури Јанко доби дозвола да настапи на нашиот концерт. Во 1982 година заедно со културно-уметничкото друштво заминавме на турнеја во Австралија, каде останавме еден месец, а музичарот Благој Мартов беше член на оркестарот, како и Горан Алачаки. Се сеќавам дека Јанко тогаш првпат патуваше со авион, па малку се шегувавме на негова сметка. Оттогаш тој голем број пати имаше турнеи во Австралија, но и низ целиот свет. Во 1990-та настапи на првиот „Гоце фест“, каде лауреат со Жаклина беше последователни трипати. Сепак, кога победија со „Македонче соколе“, на сцена се качи и неговиот син Кирил и имаше френетични аплаузи – се сеќава Пеце Здравковски.

Фото: Привватна архива

Синот Кирил, кој во книгата исто така искрено раскажува за својот татко Јанко, се потсети на овој настан.

– Од фолк репертоарот на татко ми мене најомилена ми е нашата „Македонче соколе“, во која настапивме заедно сите, татко ми, јас и Жаклина. Еве и денес не можам да проценам, дали тој е попрепознатлив по „Момчето со мандолина“ или по „Македонлче соколе“. Се сеќавам кога се гласаше излегов од салата и се упатив кон полукружниот ходник во Универлзана сала, каде што беа кутиите за гласање, како љубопитно дете да ѕирнам дали и на нашата има луѓе што гласаат. И што да видам, кај сите кутии празно, а кај нас редицата нема крај, се протега преку целиот ходник, се потсети Кирил Узунов.

Фото: Привватна архива

Тој отпеал многу песнички на татко му на разни детски фестивали, но нема да ја заборави неправдата кога на фестивалот „Си-До“ не му дозволиле да ја испее неговата песна „Наставничке пријателке“, туку ја дале на друго дете. Сепак подоцна работите си дошле на свое кога слушнал дека Тоше Проески токму оваа песничка ја испеал на првиот свој јавен настап како дете, во свеото училиште. Кирил, иако и самиот е многу талентиран композитор, гитарист, пејач, се уште неговите песни не се отпеани. Кој знае можеби подоцна тоа ќе го направи ќеркичката Јанка. Засега вели добро му е како режисер на телевизија, бидејќи повеќе сака да биде зад камерите.

Сопругата Жаклина, која го финасираше ова дело, а исто така го организираше и неодамнешниот концерт во негова чест и сесрдно се туди да се сочува споменот на Јанко, посочи дека уште кога првпат во Берово на некоја манифестација како тинејџерка го запознала Узунов, кој делел картички со неговиот лик со автограм, почувствувала голема трема и почит, што била присутна и подоцна кога почнале заедно да настапуваат.

-Секогаш кога стоев до Јанко на сцената се чувствував гордо и привилиирано, дека ете имам можност да настапувам со голем човек и музичар како него. Ние се запознавме официјално во 1988 година кога станав член на неговата група „Узун“, а потоа по неколку години поминати како соработници, меѓу нас се роди љубов, голема, најголема, која трае се уште и ќе трае вечно – вели Жаклина.

Во книгата има навистина многу интересни моменти од животот на Узунов, како на пример второто место на фестивалот „Опатија“ кога со Цветанка Ласкова ја испејаа „Момчето со мандолина“ и за влакно не беа првите Македонци што настапиле на „Евровизија“, за суетата на Шпато кога го забележал талентот на Јанко, за настапот пред Тито кога отпеал песна за Гоце војвода, за концертот пред Македонците во Кукуш, кога тоа не можело ниту да се замисли, за почитта на валандовчани кои салата каде се одржува фолк-фест „Валандово“ ја нарекоа „Јанко Узунов“.

Авторката на книгата, Валентина Ѓоргиевска Парго, кога ја прашавме да го дефинира творештвото на Јанко Узунов со неколку збора рече:

– Тој ги заслужи сите епитети и дефинитвно е една од неколкуте најзначајни музички и уметнички појави во македонската популарна музика. Јанко секогаш ќе остане господар на музиката, зошто „Тој, сиот беше музика“, како што ја насловив и оваа биографска книга – вели Ѓоргиевска.