Во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, вчеравечер пред голем број соработници, поддржувачи и пријатели, беше промовирана книгата „Зборовезница на едно новинарско перо“, првенче на авторката Милева Лазова, новинарка во „Македонско сонце“.
Настанот го отворија игроорките на едукативно здружение „Седум осмини“, чија членка, во групата сениорки, е и Милева, а потоа промоторките: новинарката и поетеса Валентина Георгиевска Парго, која е и рецензент на книгата и Лилјана Стоилковска, една од првите спикерки на Радио-Телевизија Скопје и поетеса, се осврнаа на делото. Модератор беше Оливера Јовановски.
„Книгата „Зборовезница…“ на новинарката Милева Лазова е сведоштво на една сценска историја со национален предзнак, во пресек од четврт век. Време во кое македонските легенди оставале силни траги и значаен белег, а сега новинарката остава значаен белег во бележењто на тоа нивно создадено сведоштво“, ќе напише рецензетката Валентина Георгиевска Парго.
Таа се постети на почетоците на соработката и пријателството со Милева низ сеќавања и анегдоти.
Стоилковска се осврна на доблеста да се пишува на македонски јазик и да се зачува од заборавот она што го оставиле македонските музичари и уметници, а токму тоа е и мисијата на Лазова.
Авторката, во воведот вели дека „е горда на нејзините 25 творечки години, кои поминале брзо, а биле исполнети со многу доживувања, средби, патувања, падови и воздигнувања.
Меѓу другите, во книгата се поместени интервјуа и текстови на Лазова со легендите: Васка Илиева, Александар Сариевски, Вања Лазарова, Петранка Костадинова, Гоце Арнаудов Ванчо Тарабунов, Атина Апостолова, Сузана Спасовска, Виолета Томовска…и многу други уметници, музичари, творци од повеќе области.
Настанот со своите настапи го збогатија врвните музичари: Васил Атанасов на обоа, Влатко Митев на тапан и Сашко Митев, инструменталист и пејач.
М.Т.