Ново издание на „Или-или“
Од печат излезе книгата „Латински цитати, изреки и фрази“, како четврта книга во едицијата „Арго“ на „Или-или“. Предговорот, изборот, преводот од латински и коментарите се на Светлана Кочовска Стевовиќ.
– Збирките со латински цитати во националните култури имаат посебен статус и повеќевековна традиција. Нивната бројност во светот е одраз на свеста на креаторите на културните политики за тоа дека збирките со латински цитати, поговорки и фразеолошки изрази се од капитално значење во националната култура на една земја, пред сѐ, поради фактот што многу од одредниците од кои се состојат овие збирки, и покрај тоа што се создадени пред многу векови, и ден-денес се присутни во многу сфери од современата стварност – велат од издавачката куќа.
„Латински цитати, изреки и фрази“ е збирка од нешто помалку од 5.000 латински цитати, изреки, фрази, правни максими, девизи на поединци или групи, здравствени препораки, хералдички гесла и други куси латински изрази од различна провениенција. Најмногубројни се цитатите од римската книжевност, од латинскиот превод на Библијата и од некои подоцнежни дела. Поради широкиот опсег на употреба многу од овие цитати стекнале статус на поговорки. Одраз на нивната огромна популарност низ вековите е влијанието што го извршиле врз фразеолошкиот фонд и врз паремиската граѓа на современите јазици. Многу од овие цитати, изрази и фрази и денес се присутни во книжевноста, журналистиката, јавниот дискурс и популарната култура.
Единиците што се поместени во збирката „Латински цитати, изреки и фрази“ се подредени по абецеден редослед, а наместа по преводот следува кус коментар со појаснувања на значењето, потеклото и(ли) на контекстот во кој изразот бил употребен.
Светлана Кочовска-Стевовиќ е класичарка, книжевна преведувачка и професорка по латински јазик на Филозофскиот факултет во Скопје. Авторка е на една монографија за писмата на Цицерон и на повеќе преводи од латински и старогрчки јазик на дела од Цицерон, Хигин, Лукијан и Сенека.