Во пресрет на годинашниот МТФ „Војдан Чернодрински“
Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ по 59. пат ќе се одржи од 6 до 13 јуни во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Уметничката директорка Ана Стојаноска со изборот на претставите ја заокружи годинашната програма, во која има девет претстави во официјална селекција и пет претстави од независната продукција во придружната програма. Ќе доминираат претстави во кои може да се препознат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција. На репертоарите во македонските театри повторно, според Стојаноска, може да се забележи разногласие во однос на изборот и стилот на театарската продукција и за пофалба е поставувањето неколку драми од македонски автори, со што конечно може да се види и дел од идејата за етаблирање на домашната драма.
– Со овој избор на претстави и имајќи ја предвид тековната ситуација со театарските сцени во Прилеп, а во контекст на мојата четиригодишна програма „Враќање дома“, се обидов да ја раскажам актуелната приказна на современиот македонски театар. Таа приказна покажува како се однесува човекот во општеството и како тој човек е одговорен за текот на самото општество. „Човекот и општеството низ смелата и/или насмеана визура или магичноста на сцената“ е насловот на селекцијата со цел тематски да се позиционираат избраните театарски претстави. Во ова издание на фестивалот под мотото „Смеј се и осмели се“ може да се препознаат и повеќе доминантни музички креации, кои и тоа како треба да бидат акцентирани, наградени и валоризирани – вели Стојаноска.
Во официјална селекција е претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, продукција на МНТ-Скопје, во која актерите покажуваат како личната актерска естетика станува дел од колективната креација и како сцената може да се збогати со внимателна и темелна игра. Ќе биде прикажана „Парови“ од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмски театар-Скопје, во која има непретенциозната режија, јасен драмски ракопис и суптилни актерски креации. На програмата е и „Ричард Трети“ во режија на Куштрим Бектеши, продукција на Албански театар-Скопје, која во целиот тек му нуди на гледачот една смела слика на општеството. Потоа публиката ќе ја види „Слепци“ во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турски театар-Скопје, емотивно силна, естетски моќна претстава, која покажува како треба да изгледа модерен и актуелен театар. Меѓу претставите се и „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар-Битола, „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, продукција на народниот театар „Војдан Чернодрински“−Прилеп, „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, продукција на народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“−Велес, „Сите прекрасни нешта“ од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народен театар-Штип, „Пар-распар“ во режија на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија-Скопје.
Претстави од независната продукција што ќе има можност да ги гледа публиката се: „Вампири“ − театарска минијатура за вампирите во театарот, во режија на Милош Б. Андоновски, продукција на „Театар за сите“−Скопје, „Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на „Штрих“−Скопје „Сите најубави нешта“ според Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски, изведба Игор Ангелов, продукција на „ОХО продукција“, „Казабалкан“ од Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски, продукција на здружението за развој на театарска продукција „Оска“−Скопје, „Ла Магбет“ според Шекспир, во режија на Шенај Мандак, во изведба на Хакан Даци, продукција на „Хибрид“–Скопје.
Годинава, наместо досегашната платформа „Автор во фокус“, во која се славеше опусот на еден значаен автор за македонскиот театар, ќе биде ставен фокусот на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп. Тоа се: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски-Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески-Платнар.
– Создадовме „Музеј во движење“ или „Прилеп во фокус“ и ќе ги презентираме придонесот и влијанието на тројца (и не само на тие тројца) мошне значајни театарски уметници од Прилеп. Изложбата ќе ја поставиме кај пријателите на фестивалот и ќе се потсетиме на огромното влијание што тие го имаат направено и обележано Прилеп низ сите овие театарски години. Сакаме ова да биде дел од постојаната активност на фестивалот, која не би се ограничила само на деновите кога фестивалот е најактивен, во јуни секоја година, туку треба да биде активност што ќе се случува постојано во текот на целата година. Во контекст на нашето мото „Смеј се и осмели се“, овие тројца театарски уметници од Прилеп и се/нѐ смееја и се/нѐ осмелија да создаваме уште подобар театар – вели Стојаноска.
За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград, и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија. По иницијатива на семејството на музичарот Филип Стевановски, собранието донесе одлука наградата за музика да ја именува според музичарот, кој го изгуби животот во пожарот во Кочани. Стевановски беше актуелен директор на ЦК во Штип.